Посетата опфати обиколка и на манастирскиот комплекс „Св. Архангел Михаил“ од 17 век, како и на најголемиот и најзначаен археолошки локалитет Стоби
Градско – бисер на транзитниот туризам
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков и националниот координатор за туризам Акан Махмут остварија работна посета на општината Градско, при што со градоначалникот Киро Нацков разговараа за можностите на оваа стратегиски поставена општина во насока на развивање на транзитниот туризам и афирмација на културното наследство. На средбата со градоначалникот беа истакнати важноста на транзитниот коридор каде што е општината Градско и уникатните можности што овој регион ги има за привлекување туристи и промоција на природните убавини, културното богатство, црквите, манастирите, гастрономијата, нашите локални производи и специјалитети.
– Општината Градско ја развива соработката со институциите, бизнис-секторот и со сите заинтересирани страни, а сè со цел да го создаде најдобриот амбиент за развој на туризмот во овој регион – истакна министерот Љутков, кој го посети ранчот со коњи во сопственост на Васко Величковски, кој од неодамна во овој регион го промовира проектот „Шерпа хорс рајдинг“, застапуван од КК „Бистра“ – Галичник.
Проектот содржи две планински тури со коњи, а е поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка на мали и средни претпријатија – ИМЕ. Атрактивните тури за посетителите се до врвот Клепа, со неверојатен поглед на тиквешките лозја, и турата „Дионис“, која опфаќа посета на познатите винарници. Во рамките на посетата на овој регион беа претставени и можностите што ги нудат винските патеки, долгата традиција во производство на висококвалитетни вина во винарниците „Стоби“ и „Лазар“, но и во семејните винарници околу Градско. Стана збор за тоа дека тие се гордост на македонската винска индустрија, а туристите сè повеќе покажуваат интерес за вински тури, дегустации и запознавање со процесот на производство.
Посетата на Градско опфати обиколка и на дел од културниот потенцијал на општината, каде што е и манастирскиот комплекс „Св. Архангел Михаил“ од 17 век, како и најголемиот и најзначаен археолошки локалитет Стоби, кој е од особено значење за развојот на транзитниот туризам. Од исклучителна важност се поврзаноста, вклучувањето и промоцијата на Стоби во рамките на поширока туристичка презентација во регионот, имајќи го предвид фактот дека локалитетот годишно го посетуваат околу 20 илјади туристи.
– Стоби е во фокусот на Министерството за култура и туризам за финансирање проекти од национален интерес за истражувања, конзервација и презентација. Во таа смисла, ги поддржуваме напорите на стручниот тим на установата во остварувањето на дејноста, преку реализација на истражувачки проекти, проекти од областа на заштитата на културното наследство, организација на меѓународните школи и обуки за заштита на културното наследство, како и во примената на нови технологии и интерактивни пристапи во презентацијата – рече Љутков.
Тој додаде дека наскоро ќе биде вратен сјајот на Стоби, бидејќи во изминатите седум години не ги доби потребното внимание и финансиски средства за програма и за капитални проекти и инвестиции.
– Со вистинска стратегија и посветеност, верувам дека општината Градско и целиот потег на автопатот Е-75 се на добар пат да се претворат во значајна дестинација за транзитните туристи, а Министерството за култура и туризам ќе биде предводник и силен сојузник во остварувањето на таа цел – рече министерот.