По успехот на наградените филмови како „Пред дождот“ (1994) и „Медена земја“ (2019), кинематографијата во Македонија прави нов чекор. Оваа година, земјата ја лансираше својата прва анимација, „Јон Вардар против галаксијата“, која беше премиерно прикажана во Бразил за време на 48. Меѓународен филмски фестивал во Сао Паоло, пишува „Си-ен-ен Бразил“.
Медиумот во текстот за првиот македонски долгометражен анимиран филм се навраќа наназад во 2009 година, раскажувајќи дека тогаш режисерот Гоце Цветановски на форум за македонските љубители на стрипот ги открил цртежите што послужија како прототип за анимацијата.
– Ги видов цртежите со вонземјаните и ми беа многу смешни. Оттаму, решив да ја креирам приказната. Мислев дека би било забавно да се развие наратив полн со вонземјани – раскажа режисерот.
Цветановски во разговорот за бразилскиот сервис на „Си-ен-ен“ зборува и за предизвиците со кои се соочил тимот за да обезбеди успех на проектот, почнувајќи од проблемот со необучен кадар за анимација во Македонија, па сѐ до финансиските тешкотии во периодот на ковид-кризата. И покрај предизвиците и долгото време на продукција на анимацијата, Цветановски е оптимист за иднината на „Јон Вардар против галаксијата“ и се надева дека ќе пронајдат дистрибутер што ќе го пренесе нивниот филм во светот, пишува „Си-ен-ен Бразил“.
„Јон Вардар против галаксијата“ од 1 ноември е на репертоарот на „Синеплекс“ во Скопје, „Киноверзум“ во Штип и Велес и киното „Манаки“ во Битола.