Расказ на Томислав Османли во грчко списание

Во новиот број на угледната ревија за култура „Енекен“, грчко списание за култура и општествени прашања од Солун, објавена е прозна творба на нашиот автор Томислав Османли. Станува збор за расказот „Лето, песок во косите“, инаку петта по ред книжевна содржина од македонскиот автор што ја објавува солунското списание. Расказот е летната повест, дел од циклусот од вкупно седум лирични прози насловен „Четири годишни времиња“, за првпат објавен во прозната збирка „Приказни од Скопје“ што, во издание на скопска „Култура“, се појави во популарната едиција „Најчитаните“, во 2005 и одново во 2010 година.
Ревијата донесува голем број прозни и поетски текстови и книжевни осврти, како и студии, анализи текстови на општествени теми. Во неа, покрај македонскиот, се застапени и автори од Грција, Русија, Кина, Франција и други култури. Во претходниот број на грчкото списание, македонскиот автор по четврти пат беше претставен со неговиот повеќекратно преведен и објавен расказ „Наредното евангелие“, тематски посветен на пандемијата, во која нашиот автор препознава одглас на една меѓусебно крајно отуѓена цивилизација.