Промоцијата на стихозбирката „Град без сенка“ од Никола Наумовски, издание на „ПНВ публикации“ од Скопје, се одржа во бифето на Младинскиот културен центар. Книгата низ разговор со авторот ја претстави Јулијана Величковска.
‒ Никола Наумовски во „Град без сенка“ те води низ атмосфера на тегобност, атмосфера што е толку бучна, низ турканици и врева, среде џагорот на светот што е видлив, реален, опиплив, но, како некој да ти дал магични очила, па наеднаш во тој урбан пејзаж можеш да го видиш и времето сегашно, и времето минато, и времето идно, да ги слушнеш и да ги видиш и соништата, и вселената, и копнежите… и сета таа мешаница, сепак, некако придушена, стишена и раскажана низ средениот хаос на „расечените“ мисли. „Град без сенки“ се чита повеќепати, се чита на глас, лизга по јазикот, а зборовите маѓепсуваат додека го слушаме сопственото ехо – рече Величковска.
Никола Наумовски (1994, Куманово) дипломирал музичка теорија и педагогија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Добитник е на првата награда на конкурсот „Млади поети“ одржан во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески. Застапен е во „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“ и во неколку други антологии. „Град без сенка“ е негова прва стихозбирка.