Стихозбирката „Сега ти стануваш јас“ од Долорес Атанасова ја имаше својата промоција во Охрид. Промоторка на книгата беше Ана Голејшка-Џикова, а модераторка Билјана Црвенковска. Книгата е во издание на издавачката куќа „Чудна шума“.
– Најновиот поетски ракопис „Сега ти стануваш јас“ на поетесата Д.А. Лори, кој доаѓа по успешните поетски книги „Будење во трето лице еднина“, „Со ветрот под рака“, „Небо во кафез“ и „Ќе фатит бран“ ги интригираше читателите, кои имаа можност да го посведочат создавањето на книгата преку песните што авторката ги објавуваше на инстаграм-сториња. Песните се создадени за кус временски период, под голем креативен набој. Стерната беше отворена и песните надоаѓаа како што надоаѓа вода и допираат длабоко до свеста на читателот, кој гледа како песната се создава и исчезнува пред неговите очи, поради краткотрајноста на објавата, како што минува и животот; денес си, утре не си.
При тоа читање, привлечена како од магнетска сила влегов во тој вртлог, чувствувајќи ги песните како свои или како свое огледало, што потоа со насловот на книгата се потврди, како поетско-филозофското гледиште дека „Секој секому огледало“, дека секој се гледа себеси во другиот или, пак, дека сите потекнуваме од ист извор и сите во тој извор ќе се вратиме – пишува Снежана Стојчевска, рецензентка на книгата.