Денеска, со почеток во 11 часот, во организација на градската библиотека „Гоце Делчев“ во Гевгелија, ќе се одржи промоција на новата книга на Киро Донев – романот за деца „Дневникот од штрковото гнездо“. Промоцијата ќе се одржи во основното училиште „Владо Кантарџиев“, а промотор ќе биде Ацо Ѓоргиев, кој е и автор на поговорот на книгата. Романот е илустриран со цртежи на Славица Купенкова.
Приказната во романот се случува меѓу сонот и јавето. Се одвива во едно планинско село, во кое две внучиња одат кај своите баба и дедо за да го минат летниот распуст. Еден ден, играјќи тенис, топчето малку посилно удрено одлетува во напуштено штрково гнездо. Дедото е принуден да им го симне „непослушното“ топче. И токму оттука почнува и нивната авантура. Покрај топчето, наоѓа и една училишна тетратка, која всушност е дневник на некое дете по име Добре Лошиот. За тој пишувач на дневникот со такво име и чудно презиме – дедото нема слушнато. За да го откријат авторот на дневникот, дедото и децата наизменично го читаат и откриваат дека тоа дете раскажува речиси неверојатни нешта. Но и загатката станува сè понерешлива…
– Како и вообичаено, и овој пат Киро Донев настаните во приказната ги сместува во кругот на семејството, каде што е неминовна хиерархијата, посочувајќи му на детето читател дека сè во животот започнува и завршува со семејното огниште. Стилот и јазикот, облеката на зборовите, хумористичната интонација и гледајќи на сè околу себе со очите на детето, Донев и овој пат, како и многупати пред тоа, од дело до дело, од книга до книга, се надминува себеси, внесувајќи нешто ново, што досега не им го кажал на своите читатели, па овој пат со „Дневникот од штрковото гнездо“ воведува нова игра што се одвива меѓу сонот и јавето… – наведува во поговорот Ацо Ѓоргиев.
Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на педесетина книги за деца: романи, раскази, гатанки, повести, пиески, стихозбирки и сликовници. Тој е еден од најпопуларните и најчитани македонски автори, не само кај писателите за деца туку воопшто во македонската литература. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазици, со што тој е меѓу најпреведуваните македонски писатели за деца.