Книгата „Сергеј Михајлов живот и дело“ на професорката д-р Наташа Диденко ќе биде промовирана во фоајето на Националната опера и балет во Скопје, в петок во 12 часот.
Диденко доаѓа од Институтот за национална историја при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје, таа по вокација е музичар, музиколог, музички педагог и изучувач на музичката историја на Македонија, супспецијалист за историјата на македонската музичка култура.
– Книгата „Сергеј Михајлов живот и дело“ ја подготвив во текот на изминатите две години. Ова и воедно е прво монографско претставување на животот и делото на рускиот емигрант Сергеј Михајлов од неговото раѓање во родниот Харков во 1885 година, па се до неговата смрт во 1975 година, во Штип. Книгата ни ја открива незапирливата творечка, уметничка, креативна, музичка и педагошка дејност на Михајлов, кој ги стекнал низ широкиот опсег на неуморна работа и ангажман низ животната практика. Тој во македонската културна историја и во колективната меморија на Штип и штипјани не е запаметен само како човекот кој го има поставено и премиерно изведено првото музичко-сценско дело, операта „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало во 1925 година, туку и како човек кој преку примената на својот трансфер на знаења создал вредни музички дела, но и поттикнал и постигнал забележителни резултати во почетниот и институционален развој на музиката со поголема уметничка вредност во Штип – истакна авторката Диденко.
Инаку, Диденко досега се јавува како авторка на три монографии „Ѓорѓи Доневски доајен во зачувувањето на фолклорното творештво од Егејска Македонија“ издадена во 2021 година, потоа „Октомвриски фестивали на народни игри и песни во Битола, Штип и Скопје(1947-52)“ публикувана во 2021 и „Развојот и дејноста на музичките културно-уметнички организации и манифестации“ издадена во 2019 година. А се јавува и како коавторка на монографијата „75 години повеќе од игра и песна ансамбл на народни игри и песни Орце Николов“ публикувана 2020 година. З.А.