„Напуштени простори, напуштени тела, напуштени сеќавања“ е театарска локациски специфична претстава, чија премиерна изведба се случи во неделата во културниот центар „Григор Прличев“ во Охрид. Станува збор за третата етапа од трилогијата на проектот „Сиот свет е сцена – имерзивен и партиципативен театар како алатка за адресирање општествени прашања и предизвици“ на здружението на уметници „Медија артес“.
„Напуштени места“ се однесува на неискористените потенцијали на просторите и културното наследство – места полни со сеќавања, метаморфоза, нови перцепции, регенерација, мистерија, бунт, угнетување. Оваа локациски специфична театарска претстава ве води низ просториите на културниот центар НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид, истражувајќи епизоди и моменти од лични приказни, ранливи состојби и спомени. Можеби нешто слично ти се случило и тебе?
– Изведбата ве носи назад во минатото и напред во една алтернативна иднина, во која ликовите сонуваат да бидат. Целиот простор е креиран според внатрешниот свет на протагонистката и текот на мислите што испливуваат на површина, откривајќи одамна заборавени лични ритуали, угнетувања и ветувања. Колку повеќе ликот станува свесен толку е посилна нејзината потреба да се ослободи од структурите создадени за неа, кои таа самата не ги создала. Таа почнува да го препознава кодот на однесување што се пренесува од мајка на ќерка со векови. Таа се ослободува товарот на борбата за место во историјата, учејќи како да биде човек, автентична во својата процена, желби и начини на исполнување на животот, секогаш свесна за она што го остава зад себе откако ќе ја нема повеќе. Таа е мудра, воин девојка, заробено битие, мајка, ќерка; таа е исцелителка и пејачка; таа е мрзлива и вредна; таа е сè и насекаде, а може да биде ништо и никаде – велат од здружението на уметници „Медија артес“.
Перформансот е креативен процес на соработка помеѓу тим актери и драматург, експериментално театарско дело, локациски специфичен перформанс, кој ќе ве поведе на лично внатрешно патување и длабока имерзивност.
Во претставата играат: Адријана Билаловиќ-Тодороска, Павел Маслов, Билјана Билаловиќ-Велјаноска, Јасмина Василева и Јасмина Билаловиќ. Драматург и режисер е Јелена Вуксановиќ, а текстот е колективно авторство на актерите и драматургот. Костимите се на Павел Маслов. Партнер во имплементација на претставата е културниот центар „Јадро“, а финансиски е поддржана од Амбасадата на Швајцарија во Македонија и од Агенцијата за развој и соработка на Швајцарија.