Матеја Николиќ, илустраторка

Матеја Николиќ, во рамките на актуелниот „Бич филм фестивал“, го насочи вниманието на публиката кон работилницата за дизајн на филмски постер, која се одржа викендов во Лапидариум, во Охрид. Целта на дводневната работилница беше да се запознае младата публика со процесот на креирање постер за филм и/или театарска изведба. Во работилницата беа вклучени сите фази – почнувајќи од истражувањето и алатките за изведување, до начинот на подготвување концепт и финален дизајн на постерот. Целта на работилницата е младите да се запознаат со важните елементи при овој процес, како и да осознаат што е она што го прави еден филмски постер да биде генијален – односно што е она што го прави еден постер одличен, а не само добар.

На кои потточки посебно сакате да се задржите кога станува збор за дизајн на филмски постер?
– На работилницата се дискутираше за неколку аспекти и фази што сметам дека се важни при креирањето филмски постери. Имајќи предвид дека дел од учесниците се млади и почетници во светот на дизајнот, почнуваме од тоа што претставува филмскиот постер и кое е неговото значење во сферата на филмот, извлекувајќи како заклучок што претставува добар филмски постер. Потоа разговараме за анализа на филмски постери, почнувајќи од неговите елементи односно неговата „анатомија“, па до сите дизајн-елементи на самиот постер и нивното значење и улога. Имаше и дискусија преку примери на добри филмски постери и нивна анализа, како и објаснување за подготовката и изведбата на еден филмски постер со сите негови фази и алатки за изработка.
Кои филмски постери би ги посочиле како пример и напреднати ли сме на ова поле?
– Секако дека еволуираме на темата дизајн на филмски постер, особено во вакво време и достапност на информации што ги имаме. Сметам дека горенаведените аспекти (кои треба да бидат исполнети за да биде успешен еден филмски постер) се нешто што сѐ почесто се практикува при процесот на дизајн на постерите, со што практично се приближуваме до некаква „равенка“ за тоа како се прави добар филмски постер. Оваа „равенка“ е доста општа и отворена кон интерпретација, оставајќи му на дизајнерот доволно слобода да се изрази, притоа успешно креирајќи впечатлив филмски постер. Низ историјата на филмскиот постер има премногу одлични примери за издвојување, но неколку што ми имаат оставено особен впечаток се официјалните постери за филмовите „Лобстер“ на Јоргос Лантимос, „Декалог“ на Кристоф Кишловски и „Нимфоманијак“ и „Хаус дат Џек билт“ на Ларс фон Трир. Нив ги одбирам бидејќи сметам дека со умешното користење симболи и слики, и играјќи си дополнително со типографијата, одлично ја имаат завршено својата задача – да му ја пренесат на гледачот главната идеја зад филмот без да откриваат премногу за истиот тој.
Постерите се првиот впечаток за филмот, оттука голем дел од публиката решава дали ќе го гледа филмот или не, кои се примарните елементи за еден филмски постер да ја постигне главната цел?
– Постерот, пред сѐ, е доста важен медиум што најчесто е првата, односно главната визуелна репрезентација на она на кое му припаѓа – дали е тоа филм, театарска изведба, уметничка изложба, стратегиска бренд-кампања или слично. Постерот треба да ѝ го привлече вниманието на пошироката публика и да го промовира филмот, со што неговото значење во филмскиот и дизајн-светот отсекогаш било големо. За еден филмски постер да биде успешен, тој треба да ги исполнува сите оние услови што го прават постерот добар: создавање впечатлив дизајн и изградба на дистинктивен визуелен јазик што е директно изведен од наративот во филмот, преку креирање автентична „иконографија“ како главен носител на целосниот дизајн. Овие неколку аспекти се она што треба учесниците да го извлечат од работилницата, со цел да направат успешно дизајн на постер за филм што ќе биде препознатлив.
Како дизајнерот го гледа постерот, а како публиката?
– Мислам дека и дизајнерот и публиката го гледаат постерот мошне исто – како краток автентичен вовед во наративот во филмот за кој е изработен постерот. Дополнително, како некој што работи во полето на дизајнот, секој нов постер го гледам и како оној што потенцијално го креира делото, поради професионалната заднина, во исто време бидувајќи и публика за постерот, бидејќи сум и публика за филмот.
Го ужива ли филмскиот постер заслужениот статус кај нас?
– Апсолутно да. Како што напоменав, постерот е мошне важен визуелен медиум, пред сѐ, а еден од најдобрите примери за тоа е филмскиот постер. Дефинитивно сметам дека се цени оваа гранка од уметноста, а за тоа зборуваат многубројните создадени постери во историјата на филмот за кои и до ден-денес зборуваме и кои служат за пример.