Фото: Приватна архива

Константин Плевнеш, екслузивно за Нова Македонија од Париз

Кога започна едноминутното молчење во твоја чест
На Универзитетот Пантеон Асас Сорбона
За твојот исклучителен придонес во македонскиот,
Европскиот и светскиот филм и театар
Јас сакав таа минута да трае еден ден
Или една недела барем,
Бидејќи то беше архангелот на македонскиот театар и филм
И во чест на твојата уметничка бесмртност
Сакав да поминамм по сите места кадешто ти снимаше, играше и чекореше
Меѓу „Комеди Франсез“ , „Театарот Одеон“ и „Театарот Суден“
Каде го играше главниот лик во пиесата „Европа“
Од Рене Калиски според истоимениот роман на Ромен Гари
Сакав да појдам во киното „Антрпо“
Кадешто од рацете на Тиери Фремон
Со кого што заедно игравте во „Тајната книга“
Ја доби престижната награда „Актер на Југоисточна Европа“
Сакав да поминам во книжарата „Зодијак“
На легендарниот француски поет Пјер Беарн (1902-2006)
Кадешто ти беше продуцент на документарниот филм
„Македонската книга на живите или Пјер Беарн и Македонија“
Што беше прикажан во стотина земји во светот.

Се сеќавам како вчера да беше, на врвот на Скопска Црна Гора
Ми зборуваше за илјадалетната одисеја
Што Беарн ја прикажа пред светската јавност за вистината за Македонија
И таму видовме безброј цветови наречени чувар-куќа на карпите по патот
Јас се симнав да земам неколку и ти го дадов најубавото
Ти беше многу среќен го видов тоа во твоите очи
Твојата тишина беше исполнета со радост
Како светиот молк на Исихистите од Света Гора
Те гледам сега како полетуваш О Архангел Мето
Ти си чуварот на нашата културна куќа
И трезорите на нашата меморија
Пред тебе сами паѓаа безумните глави на шарлатаните
Кои сакаа да те игнорираат и не ти го остварија сонот
Да го снимиш твојт прв, целосно авторски филм
Од секогаш и засекогаш ќе бидеш мојот вистински ментор
И за многу сонувачи од Балканот
Ти си нашиот херој во прво лице – лицето на древната македонска култура

Во тоа едноминутно молчење што ти беше оддадено на Сорбона
Пред мене помина париската иконографија што ти бескрајно ја сакаше
И Париз сакав да го видам, за последен пат низ твоите очи
И низ зборовите што ги напиша францускиот поет Анри Пишет
Со кого лично те запознав, бидејќи тој напиша
Зборови што се оковани на париското небо
Кога замина во Вечноста, бесмртниот, како тебе, француски актер Жерар Филип:
„Кога тој, Неговото Величество Актерот исчезна
Дождот личеше на сончеви солзи!“

Сончевите солзи над Париз и Скопје до твојата родна Малешевија
Сега ги доживувам како венец на бесмртноста со кој Македонија
Те подари на Светот!!!