Во Археолошкиот музеј на Македонија, утревечер, во 19 часот ќе биде отворена изложба на Бојан Ковски со наслов „Панта Реи“. Бојан Ковски е академски сликар, кој своите студии ги има завршено на Факултетот за ликовни уметности под менторство на Антони Мазневски. Во своето портфолио Ковски има неколку самостојни, групни изложби и перформанси. Во своите дела се изразува со слики масло на платно, како и со перформанси што опфаќаат сликање на човечко тело.
Ковски ја работеше оваа изложба инспириран од својот живот поврзан со водата како главен извор на живот за сите нас, а во неа ќе бидат вклучени 12 дела масло на платно. Во претстојната изложба, Ковски ја разработува формата на човечкото тело и природата, кои претставуваат константен тек и перцепција на човечката визуализација.
– Сложена е и специфична структурата на овие уметнички дела во нивниот целосен изглед. Тој ја одбира водата како еден од четирите основни елементи на планетата Земја. Водата иако е една од најпроучуваните супстанции, таа сепак е најмалку разбрана.,,Ништо не е толку сложено како нејзиното однесување“ – Џон Емсли. Во неа телата ги истегнува до крајни граници. До неспоивото! Божествена елеганција и крајна експресивност – пишува Анжелика Апсис во текстот за изложбата.