Изложбата со наслов „Современа скулптура“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија е отворена во уметничкиот центар „Арт хаб“. Оваа изложба на ДЛУМ е дел од програмските активности и е можност за групно претставување на поновите истражувања и идеи во рамките на современата скулптура. Уметниците истражуваат и експериментираат низ формата и изразот, а нивните креативни авантури се материјализираат преку финалниот облик на идејата. Низ делата се забележува класична употреба на материјали во процесот на лиење (бронза, алуминиум), обликување метал (инокс), комбинирани техники во метал, жица, обработка на мермер и дрво, но и бетон, пластика, текстил, готови предмети, еколошки пристап на рециклирање и други материјали.
Поставката ја сочинуваат 22 дела од 19 автори: Гордана Петрова, Димитар Филиповски, Нела Јанковска, Стефан Јакимовски, Слободан Милошески, Стефан Анчевски, Озбет Ајваз, Марјана Костојчиновска Узунчева, Златко Бојковски, Анѓел Димовски Чауш, Тања Миљоска, Душан Ѓоргиевски, Ненад Тонкин, Синиша Новески, Сашо Саздовски, Маја Танева, Никола Смилков. Во чест на наградата „Боро Митриќески“, поставено е и дело на еден од доајените на современата скулптура, Боро Митриќески, а во изборот е вклучено и дело на керамичарот Боро Новаковски. Секоја година семејството Митриќески доделува награда за најдобра скулптура.