Светски познатата пијанистка Лола Астанова на 2 јуни ќе настапи во Македонската филхармонија. Единствена по својот музички израз, позната по иновативната аудиовизуелна изведба на пијано, екстремниот број следбеници на социјалните мрежи, но и голем број обожаватели во светот, Лола ќе му приреди на Скопје ексклузивен и интимен концерт, вели организаторот.
Домашната публика ќе има уникатна можност да ужива во еден фасцинантен и емоционален концерт на атрактивната пијанистка, која со својот талент успеа да им го сврти вниманието на великаните, како Андреа Бочели, Џон Корбет, музичкиот продуцент Дејвид Фостер, легендарниот пијанист Бајрон. Покрај тоа што Лола е вистински виртуоз на пијано, таа особено плени со својот атрактивен изглед. Астанова, која сега важи за една од најбараните пијанистки во светот, го почна своето музичко патување на осумгодишна возраст. До денес, како што велат критичарите, таа има постигнато врвна техника на пијано во комбинација со длабока музичка сензуалност и уникатно чувство за мода.
Со оригиналните концерти и соработката со најдобрите оркестри и музичари, Лола Астанова им ги освои срцата на љубителите на пијано во целиот свет. Ретко кој може да остане имун на нејзината желба секој нејзин настап да биде, како што вели и таа самата, „една посебна, елегантна и страсна љубовна врска со клавирот“. Чувството на драма во нејзиниот изглед и емоцијата во свирењето ја прават уникатна. Во 2012 година беше прогласена за една од топ 10-те стилски икони во класичната музика.