Објавена „Стресот и слободата“ од Петер Слотердијк

Издавачката куќа „Артконект“ неодамна ја објави книгата „Стресот и слободата“ од Петер Слотердијк.
Стресот и слободата е предавање во кое Петер Слотердијк се осврнува на неколку клучни аспекти на концептот на слободата, кои се особено значајни за денешното разбирање на овој поим. Така, Слотердијк зборува за раѓањето на слободата од духот на бунтовноста, за улогата на стресот во интеграцијата на општествата и за значењето на филозофијата на Жан-Жак Русо за реформулирањето на либерализмот. Авторот особено се задржува врз динамичниот однос меѓу стресот и слободата.
Петер Слотердијк е професор по естетика и филозофија на Академијата за дизајн во Карлсруе и на Академијата за уметност во Виена. Важи за еден од водечките и највлијателни германски филозофи и теоретичари на културата. Автор е на педесетина студии од областа на филозофијата, естетиката, политичката теорија и културологијата, но и на голем број статии што третираат актуелни случувања и кои се објавуваат во германските весници и списанија.