Објавена книгата „Историја на пчелите“ од Маја Лунде

Издавачката куќа „Антолог“ ја објави книгата „Историја на пчелите“ од Маја Лунде. „Историја на пчелите“ комбинира футуристичка дистопија и историска фикција за да го вклучи алармот во врска со сѐ помалата популација на пчелите.
Книгата ги обединува минатото, сегашноста и една застрашувачка иднина во возбудлива приказна, која е сложена како саќе. Просветлувачка и одлично опишана врска за моќната поврзаност меѓу децата и родителите, како и за нашиот однос кон природата и човештвото. „Историја на пчелите“ на прекрасен начин воведува една исклучително важна тема во светот на литературата – климатската проза, која ни предочува дека ние како човештво сме зависни од добросостојбата на пчелите и на другите инсекти. Сѐ додека тие се во опасност, и ние сме во опасност.
Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата „Циркулација на европски книжевни дела“ во состав на „Креативна Европа“ на Европската Унија – потпрограма „Култура“.
Маја Лунде (1975) е норвешка писателка и сценаристка. Има напишано десет книги за деца и млади. Авторка е на сценарија за норвешката телевизија, претежно за популарни детски серии. Своето книжевно деби го имала во 2012 година со трилер чие дејство се одвива во 1942 година. Во 2015 г. ја има добиено наградата на норвешките книжари за „Историја на пчелите“, која е и првиот роман во нејзината серија за луѓето и климатските промени. Живее во Осло со сопругот и трите деца.