Приказната на филмот „Лука“ почнува со запознавањето на тројца млади музичари, двајца што студираат на штипската музичка академија и еден со завршена музичка академија во Лондон

„Лука“ е новиот документарен филм на здружението за култура „Транзен“, во режија на Ице Виранов, според сценарио на Бинева Џејд. Станува збор за филм за млади музичари што бараат начин да ги изразат своите креативни потенцијали. Главни протагонисти во филмот се Ставро Ангелаков, Љубен Маџиров и Џејд Бинева. Филмот се снимаше во текот на 2022 година, на локации во Струмица и во Штип. Ова е втор документарен филм во продукција на „Транзен“. Режијата и монтажата се на Ице Виранов, кинематографер е Столе Ангелов, камера Иво Јанков, авторската музика е на Ставро Ангелаков и Љубен Маџиров.
– Документарниот филм „Лука“ е резултат на проектот „Филмофили“, а финансиски беше поддржан од Општина Струмица. Идејата за проектот се роди во комуникација со Никола Пијанманов, кој е уметнички раководител на организацијата „Транзен“. Интересот да се инвестира во младите уметници и филмот како моја преокупација во последните години веројатно беа точките на спојување од кои понатаму се оформи финалниот лик на проектот. Станува збор за проект што поддржува млади филмофили, а каде што предност имаа веќе професионално оформените профили. Преку отворен конкурс за сценарио беше избрано сценариото на Џејд Бинева, според кое се сними и филмот „Лука“. Ние сме исклучително задоволни од резултатот – изјави продуцентот Васил Михаил.
Приказната на филмот „Лука“ почнува со запознавањето на тројца млади музичари, двајца што студираат на штипската музичка академија и еден со завршена музичка академија во Лондон.

– Тројцата се целосно посветени на креирање авторска музика, рок и џез, но и други жанровски стилови. Решивме да ги документираме нивниот креативен набој и развој на иновативни идеи, создавање музички инструменти од отпадни материјали и креирање нови звуци, алтернативни музички композиции на истите инструменти. Филмот почна да се снима според сценариото и идејата на Џејд Бинева, наедно еден од главните ликови во филмот. Се снимаше речиси шест месеци. Во тој период јас живеев, се дружев и целосно се поврзав со нивните животни приказни. За името Лука, оставаме публиката да открие за каков феномен станува збор. Тоа е, така да речам, скриената метафора на филмот. Филмот е решен со чист визуелен и филмски јазик, речиси како една експресивна визија и слика. Да се направи музички документарец беше возбудлив, но и доста сложен процес. Пред сѐ затоа што музиката ја создаваа и изведуваа на самото место, оригинално и неповторливо, а истата музика стана и филмска музика за потребите на самиот документарец – вели режисерот Ице Виранов.
Филмот „Лука“ го прикажува животот на група млади музичари што се борат да најдат начини за израз на својата музичка креативност и иновативност. Во време на кризи и бескрајна општествена транзиција, младите уметници се принудени да бараат алтернативни патишта за творење и презентирање на својата авторска уметност, а истовремено му пркосат на потрошувачкиот свет во кој владее „тезгата“ како евтин и брз начин на практикување култура, свет што има негативно и погубно влијание врз развојот на автентичната и чиста авторска креација.
– Во филмот се развива бунт против светот на консумеризмот во кој културните и уметнички продукти се сервираат на брз и евтин начин, свет во кој владее фаст-артот и во кој вредностите се заменуваат со ѓубре и остатоци од капиталистичката брутална пропангандистичка епидемија на сомнителни вредносни скалила – вели Никола Пијанманов, кој се потпишува како продуцент на филмот.
Според него, во една спротивна насока на современите услови, нашите млади музичари го одбираат обратниот пат.

Никола Пијанманов

– На еден начин тие потсетуваат на дадаистичките уметници во Европа од почетокот на дваесеттиот век, кои крикнаа против лажните светски вредности. Денес во уште полицемерно општество на изместени вредности, нашите музичари создаваат инструменти и звуци од отпад и ѓубре. Како некои алхемичари, го преобразуваат грдиот свет со нова убавина, мизеријата на градовите пак ја покриваат со смислата на креацијата. Инструментите што ги создаваат во своите ателјеа и импровизирани студија личат и на ликовни дела, на скулптури, нѐ навраќаат на времињата кога народниот анонимен гениј сам си ги создаваше четките и боите за да наслика слика, кога сам си го правеше инструментот за да ја реализира својата музика – истакнува Пијанманов.