Нефункционален сателит на американската вселенска агенција НАСА падна на Земјата по 38 години во орбитата околу планетата. Станува збор за сателитот ЕРБС, кој е лансиран во 1984 година, со помош на спејсшатлот „Челинџер“.
До 2005 година, податоците испратени од ЕРБС им помагаа на научниците да истражат како Земјата ја апсорбира и зрачи енергијата од Сонцето и ги мереше концентрациите на озон, водена пареа, азот диоксид и аеросоли во атмосферата.
Американското министерство за одбрана потврди дека ЕРБС влегол во атмосферата над Берингово Море и во најголем дел изгорел во атмосферата.
Инаку, сателитот го надмина очекуваниот животен век од две години и беше функционален 21 година. Неговиот инструмент „Стратосферски аеросол и гасен експеримент 2“ (САГЕ 2) собра податоци што го потврдија намалувањето на озонската обвивка на глобално ниво.
Податоците собрани од ЕРБС помогнаа да се создаде Договорот за протокол од Монтреал, меѓународен договор потпишан во 1997 година, што резултира со драстично намалување на употребата на хлорофлуоројаглероди (CFC) што го осиромашуваат озонот. Овие хемикалии некогаш се користеле за ладење, климатизација и слично. Да не беше забраната за ЦФЦ, светот ќе беше на пат за колапс на озонската обвивка и глобално затоплување од дополнителни 2,5 степени до крајот на векот, покажа студија од 2021 година.
Денес САГЕ 3 на Меѓународната вселенска станица собира податоци за состојбата на озонската обвивка.