Во преполната сала на киното „Милениум“ се случи исклучителната промоција на новата книга на едно од најголемите имиња на македонската книжевна сцена, Венко Андоновски – „Папокот на светлината“. Дваесет и две години од објавувањето на најнаградуваниот македонски роман „Папокот на светот“ и десет од последниот „Ќерката на математичарот“, Венко Андоновски блеснува со нов, мајсторски напишан роман, кој има моќ да го промени поредокот.
На оваа најпосетена книжевна промоција кај нас досега, каде што публиката беше составена од пријатели и почитувачи на делото на Андоновски, зборуваше Весна Мојсова-Чепишевска, која се осврна за творештвото на Венко Андоновски, а потоа сцената ја презеде авторското трио – Винка Саздова, Игор Џамбазов и Венко Андоновски, кое поведе инспиративен разговор за романот, за живот и смртта, за смислата на постоењето. Салата беше претесна да ги собере сите оние што низ годините уживаа во зборовите, приказните, филозофијата на Венко Андоновски и сите што сакаат да го најдат патот до новиот продуховен свет. Оттука, нималку амбициозно не прозвучи маркетиншката кампања на издавачката куќа „Три“ кога ја најави промоцијата како „книжевен настан на годината“, затоа што бездруго тоа и се случи.