Меѓународните посредници апелираат да се искористи актуелниот момент за да се постигне нормализација на односите – Косовска Митровица

Специјалниот пратеник на Европската Унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, изјави за јавноста дека почетокот на пролетта 2023 година може да биде краен рок за постигнување договор меѓу Косово и Србија. Тој за приштинската телевизија РТВ 21 изјави дека предлогот за конечно решение е европски предлог, со вклученост и силна поддршка на Германија и на Франција

Лајчак навестува размрзнување на односите меѓу Косово и Србија во 2023 година

Специјалниот пратеник на Европската Унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, рече дека целта е да се постигне целосна нормализација на односите меѓу Косово и Србија до почетокот на 2024 година.
– Двете страни признаваат дека моменталната ситуација одзема многу време и енергија. Но, секако, за да можеш да се фокусираш на нормализација на односите, не може да се соочиш со кризата на терен. За жал, прашањето за регистарските таблички и документите ни одзема многу време и енергија во последните месеци – рече тој.
Тој подвлече дека е горд на одличната соработка што ја имаат со САД.
– Искрено, не може да биде подобро. И велам дека секојпат имаме исклучително добра соработка. Ние работиме рамо до рамо, многу тесно на дневна основа, информирајќи се меѓусебно за сè, споделувајќи информации и јасен договор дека ЕУ го води овој процес и дека САД ги користат својата моќ и авторитет за да го поддржат нашето лидерство. Засега прашањето за регистарските таблички е затворено. Беше договорено, се справивме и го решивме, како дел од разговорите за нормализирање на односите – истакна Лајчак и додаде дека, секако, ова прашање ќе биде разгледано заедно со многу други прашања, кои ќе бидат разгледани како дел од дискусиите за нормализација.
На прашањето што ќе се случи доколку не се постигне договор, Лајчак рече дека тие се таму да помогнат, да посредуваат, но „ние, зборувајќи во име на Европската Унија, но верувам и во име на САД, не можеме да сакаме нормализација повеќе од Косово и Србија, па ако страните не се договорат, тогаш нема да има нормализација, а со тоа и напредок на европскиот пат“.

– Да се ​​потрудиме да го искористиме преостанатото време, да го искористиме овој уникатен и многу поволен момент, сите елементи се достапни, имаме целосна поддршка и од ЕУ и од САД, оваа ситуација треба да заврши пред 2024 година, бидејќи тогаш ЕУ има европски избори и САД исто така, така што нема да имаат време и можност да се фокусираат на дијалогот Косово – Србија. Што ќе се случи по изборите, особено американските, е тешко да се предвиди, затоа велам дека тоа што нема да биде направено до почетокот на 2024 година, можеби и воопшто нема да се направи. Затоа, да ја искористиме оваа можност и сета поддршка на меѓународната заедница и да постигнеме колку што можеме за целосна нормализација на односите – рече Лајчак.

Ескобар: Одлуката за формирање заедница на српски општини (ЗСО) на Косово ќе биде спроведена!

Во контекст на нормализација на односите зборуваше и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој на онлајн конференција организирана од Атлантскиот совет изјави дека одлуката за формирање заедница на српски општини (ЗСО) на Косово ќе биде спроведена. Тој изјави дека тоа е една од обврските во рамките на дијалогот меѓу Србија и Косово под покровителство на Европската Унија (ЕУ).
– Тоа е правнообврзувачка одредба. Тоа е правнообврзувачко за Србија, за Косово и за ЕУ, и токму затоа што го поддржуваме дијалогот, тоа е и наша обврска. Така што треба да се спроведе и ќе се спроведе – изјави Ескобар.
Тој рече дека се надева оти Владата во Приштина „ќе го гледа тоа како можност“ и посочи дека во Европа постојат модели што овозможуваат колективни права на малцинствата.
Ескобар ја истакна поддршката на САД за Косово, велејќи дека нема земја во светот што го поддржува Косово повеќе од САД. Тој се осврна на критиките од Приштина дека се врши притисок врз Косово, а во исто време се спроведува политика за задоволување на Белград.
Ескобар зборуваше и за неодамнешниот договор меѓу Србија и Косово за регистарските таблички и улогата на САД во преговарачкиот процес.
– Сметам дека договорот постигнат од Србија и Косово за регистарските таблички минатата недела е важен за намалување на тензиите. Нашиот став отсекогаш бил дека наместо да работиме на поединечни прашања што создаваат тензии, сите овие прашања да бидат дел од дијалогот спонзориран од ЕУ – рече Ескобар, потенцирајќи дека дијалогот треба да се води во ЕУ, имајќи предвид дека сите земји од регионот имаат аспирации за членство во ЕУ.
На прашањето дали има рок Србија и Косово да постигнат договор за нормализација, Ескобар рече дека би било добро да се постигне договор „што е можно поскоро“.
– Замрзнат конфликт никому не му одговара – рече Ескобар.

Српска делегација нема оди во Тирана

Наспроти оптимизмот што го шират претставниците на меѓународната заедница, кои се и посредници во дијалогот, од Белград и од Приштина не доаѓаат изјави и постапки што би ги поткрепиле таквите очекувања. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ја критикуваше одлуката на косовскиот премиер Албин Курти да го постави Ненад Рашиќ за косовски министер за заедници и враќање. Вучиќ ја нарече Рада Трајковиќ, која беше поставена за советничка на Рашиќ, „српско ѓубре од дното на кацата“, додека на Курти му даде епитет „терористичко ѓубре“, јави дописникот на МИА од Белград.
– Изборот на Рашиќ, човек што освои помалку од еден процент, како и на Рада Трајковиќ, која беше на неговата листа, покажува дека тие сакаат прогон, протерување и исчезнување на Србите на Косово и Метохија. И сега имам неколку работи да кажам, пред официјалното обраќање и средбата со Вархеи, ако до тоа некогаш воопшто дојде – изјави Александар Вучиќ во неговото телефонско вклучување во програмата на ТВ Пинк.
Тој додаде дека од Рашиќ и Трајковиќ „нема полоши“ и дека ја немаат довербата на Србите во Косово, „туку довербата на западните агенции и терористичкото ѓубре Курти“, јави МИА.
Тој ја нарече срамна реакцијата на ЕУ за именувањето на Рашиќ и нагласи дека поради ова српската делегација нема да учествува на самитот на ЕУ – Западен Балкан во Тирана.
– Никој од Србија нема да биде во Тирана на 6 декември, а вие доаѓајте убаво, земајте дневници, патувајте како сакате, сите вие од Европа, сите вие од Западен Балкан, оговарајте за тоа како Србија е виновна за нешто – рече Вучиќ.
Обраќајќи му се на Курти, Вучиќ му порача „да води сметка да не повреди ниту еден Србин, заедно со квислинзите што ги избрал“, бидејќи Србите заедно со државата Србија „ќе знаат како да одговорат“.