Наградуваниот ирански режисер Џафар Панахи е уапсен во Техеран и мора да ја одлежи шестгодишната казна затвор, која му била изречена во 2010 година, поради поддршката на антивладините демонстрации, објави судот во иранската престолнина, пренесе АФП.
Панахи (62) досега освоил повеќе награди на меѓународни фестивали за филмовите во кои го критикува современото иранско општество. Тој е добитник и на наградата на Берлинскиот фестивал за филмот „Такси“ од 2015 година, а во Кан беше наградено неговото сценарио за филмот „Три лица“ од 2018 година.
Панахи е третиот режисер што е приведен, покрај Мостафа Алеахмад и Мохамад Расоулоф, кој освои „златна мечка“ во Берлин 2020 година за филмот „Нема зло“.
– Панахи во 2010 година бил осуден на шест години затвор и затоа сега е одведен во притворскиот центар „Евин“. Казната е конечна и извршна – потврди портпаролот на иранското правосудство, Масуд Сетајеши.
Освен затворската казна, Панахи на 20 години доби забрана да режира филмови и да пишува филмски сценарија, да патува и да им се обраќа на медиумите заради ширење „пропаганда против режимот“.
Иако на Панахи му беше забрането да патува, во изминатите години казната никогаш не беше извршена и тој продолжи да снима филмови, кои беа прикажувани во странство и освоија голем број признанија.
Властите го упасиле Панахи по неговото доаѓање во судот во Техеран за да ги следи случаите на режисерите Расоулоф и Алеахмад, кои се обвинети за поткопување на државната безбедност со изразување противење на владиното насилно сузбивање на немирите на југозапад на земјата на социјалните мрежи, наведе АП.