Единаесет претстави во официјална програма во продукција на националните театри и шест претстави во придружната програма се селектирани за 58. МТФ „Војдан Чернодрински“, што годинава ќе се одржи од 7 до 14 јуни во Прилеп. Програмата што ја селектираше уметничкиот директор д-р Ана Стојаноска е насловена „Ново читање“.
-Иницијалната позиција од која започна селекцијата е да се дефинира сериозна голема театарска претстава која е во контекст или со годинешниот Автор во фокус – Горан Стефановски или во контекст на современиот пристап во третирањето на театарот денес -рече Стојаноска, на денешната прес конференција, потенцирајќи дека мотото на фестивалот годинава е „Промени се, промени сè“.
-Се решив да го прикажеме тоа што е современо и актуелно, истовремено во корелација со европските театарски трендови. Она што доминира во програмата е потребата да се најдат нови читања на стари теми, истовремено создавајќи поинаков третман на просторот. Концептот „Ново читање“ ги опфаќа двете потпрограми: „Новото читање на драмите од авторот во фокус – Горан Стефановски“ и „Ново читање на класиците“.
Во потпрограмата „Новото читање на драмите од авторот на фокус – Горан Стефановски“, селектирани се:
1.„Дупло дно“ во режија на Наташа Поплавска, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп;
2.„Диво месо“ во режија на Мартин Кочовски, продукција на Албански театар – Скопје;
3.„Демонот од Дебар Маало“ во режија на Наташа Поплавска, продукција на Центар за култура „Ацо Шопов“ – Штип;
4.„Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, продукција на ЦК „Антон Панов“ – Струмица.
Во „Ново читање на класиците“ се гледа авангардниот пристап во третманот на драмите што се класични/лектирни, а истовремено и потенцијалниот нов моментум во третирањето на театарот. Во оваа програма се претставите:
1.„Хеда Габлер“ од Хенрик Ибзен, во режија на Васил Христов, продукција на Драмски театар – Скопје;
2.„Едвард Втори“ според Кристофер Марлоу, во режија на Андриј Жолдак, продукција на Ц.К „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес;
3.„Иванов“ од Антон П. Чехов, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на Македонскиот народен театар;
4.„Домот на куклата“ од Лукас Хнат, во режија на Билге Емин, продукција на Турски театар – Скопје;
5.„На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани, продукција на Народен театар – Битола;
6.„Ало! Ало!“ според Џереми Лојд и Дејвид Крофт, во режија на Синиша Евтимов, продукција на Театар Комедија;
7.„Франкенштајн“ од Мери Шели, во режија на Кокан Младеновиќ, продукција на Театар за деца и младинци – Скопје.
Во придружната програма ќе бидат презентирани шест претстави кои се во контекст на концептот на комплетната селекција, а ќе има пет работилници, промоции на книги…
Добитници на наградата за животно дело се професорката и актерка Мими Таневска – Србиновска и актерот Јордан Витанов. Фестивалот ќе биде отворен со доделување на наградите за животно дело и изведбата на претставата „Хеда Габлер“ на Драмскиот театар.
За време на фестивалот ќе се одржи еден ден комплетно посветен на Авторот во фокус – Горан Стефановски, на кој ќе се презентираат сите актуелности поврзани со зачувувањето на ликот и делото на Горан Стефановски во македонската култура.
За наградите на фестивалот и годинава ќе одлучува тричлено меѓународно жири, во состав: д-р Марина Миливојевиќ-Маѓарев, театарска критичарка од Србија, д-р Марина Катниќ-Бакаршиќ, драматург од Сараево и актерката Варја Ѓукиќ од Црна Гора. Ка.М.