Кинотека на Македонија
Еден од филмовите со кои започнува мартовската кинотечна програма е „Римини“ на Урлих Зајдл, долгоочекуваното враќање кон играниот филм на познатиот австриски режисер. Неговата нова мрачна и комична драма е портрет на еден жиголо – маж што спие со жени за пари. „Римини“ на суров начин го прикажува декадентниот и осамен живот на заборавена ѕвезда на крајот од својата кариера, во спектакуларна изведба на харизматичниот австриски актер Михаел Томас. Најпознат по трилогијата „Рај: љубов, вера, надеж“ (2012-2013), Зајдл е предводник на новиот австриски филм од почетокот на овој милениум, кој ги освои европските филмски фестивали. Зајдл е и расен документаристички автор, потписник на некои од „најсуровите“ документарни филмови, како „Во подрумот“ (2014) или „Сафари“ (2016). Во нив, без пардон, прави вивисекција на австриското и европското општество, преплетувајќи ги фикцијата и документарното, и на тој начин создава посебен авторски ракопис по кој е познат.
– Заедно со него е и „Корсет“ на уште едно авторско име со домицилно австриско потекло Мари Кројцер. Тоа е храбра и субверзивна костимирана драма за Сиси, царицата Елизабета од Австрија, која се бунтува за ограничувањата во кралското семејство и на нереалната слика што светот ја има за неа. На програмата е и „Вавилон“ на Дамиен Шазел, веројатно еден од најзборуваните филмови на сезоната. Опишуван како „Љубовно писмо до Холивуд“, новиот филм на Шазел (автор на постмодерната мелодрама „Ла-ла-ленд“) е приказна за преголемата амбиција и големиот успех, која ги следи подемот и падот на неколку лика низ ерата на нескротливиот раскош и изопаченост во раниот Холивуд – најавуваат од Кинотеката.
На програмата во март е и „Летото кога научив да летам“ на Радивое Раша Андриќ, која, пак, е нежна приказна за созревањето и помирувањето на дванаесетгодишната девојка Софија, која мора да го мине летото со своите здодевни баби, како и „Алкараз“ на шпанската авторка Карла Симон, која ја освои главната награда на „Берлинале 2022“, „златната мечка“, но и уште 15 други награди на светските фестивали, а освои педесетина номинации за награди. Тоа е приказна за последиците од економската криза што ќе ги почувствува едно семејство во селото Алкараз од регионот на Каталонија, во Шпанија.
– Од домашните кинотечни бисери го прикажуваме „Каде по дождот“, во режија на Владан Слијепчевиќ. Со Али Ранер, Илија Џувалековски, Олга Спиридоновиќ и Станислава Пешиќ во главните улоги, овој македонски филм од 1967 година ја раскажува сторијата за Лела, ќерка на родители чие учество во војната им овозможило успешни кариери. Таа ги има сите предуслови за лесна и богата егзистенција. Можеби затоа младата девојка се спротивставува на малограѓанското разбирање на животот – велат уредниците на програмата.
„Сечи“ на Мишел Хaзанавициус, кој исто така ќе биде прикажан, е одлична вест за обожавателите на овој необичен автор, кој со „Артистот“ не само што победи на доделувањето на „оскарите“ и наградите БАФТА во 2012 година туку постави и нови стандарди со своето видување на стариот црно-бел формат како посвета на ерата на немиот филм во Холивуд. Овој пат ни подготви хорор-комедија, во која работите тргнуваат наопаку кога мала филмска екипа снима нискобуџетен зомби-филм и е нападната од вистински зомбија.
– Можете ли да го замислите А.П. Чехов во една необична и суптилно креирана адаптација, но на јапонски јазик? „Вози ја мојата кола“ на Ријусуке Хамагучи е исклучителна филмска драма снимена според кратката приказна на Харуки Мураками – трогателен патувачки филм за љубовта, загубата, прифаќањето и мирот. На мартовската програма во Кинотеката е и филмот „Магнетна резонанца“, новиот филм на Кристијан Мунџиу, миленикот на фестивалската публика низ Европа. Овој пат неговата сторија говори за лик што ја напушта работата во Германија и се враќа во родното (мултиетничко) трансилванско село. Тој сака да биде повеќе вклучен во растењето на својот син и да му помогне на детето да се ослободи од своите нејасни стравови – велат од Кинотеката.
Мартовската програма, понатаму, содржи и неколку анимирани филмови наменети за најмладата публика. В.Д.