Отворен е мал новогодишен „Темплум-саем“, кој ќе трае до 6 декември,
во галеријата „Метаноја“, а учествуваат издавачките куќи „Темплум“ и „Сказнувалка“. Ова е тринаесетто издание на овој саем, а изминатите 12 години саемот најчесто се одржуваше во ГЕМ-клубот и во МКЦ.
Како и секогаш, малиот саем има повеќедневна богата програма, која започна со доделување на наградите од конкурсот за стрип „Лифт 2022“, изложба на најдобрите стрип-табли и промоција на зборникот „Стрип награда Лифт“. Денеска ќе се одржат т.н. камишибаи-претстави за деца и млади:
„Панда и Дрон“, „Пргавиот зајак“, „Страшна ноќ“ и „Споменик од песни“, а в петок ќе се одржи промоција на две стихозбирки „Тријажа“ и „Почнуваме“ на Ива Дамјановски.
В сабота на програмата е книжевен квиз за деца и доделување на наградите, 10 бесплатни сликовници на „Темплум“, промоција на три книги: стрип-сликовницата „Панда во дрон“ од П. Вулкански и Р. Аврамовски; сликовницата „Зборувам како река“ од канадските автори Џордан Скот и Сидни Смит; стрипот „Малечката Сојка“ од финските браќа Ахонен. Учествуваат: Биљана Ѓонеска, Дарин Ангеловски, Маја Цветаноска, Марина Туфекчиовска и Никола Гелевски. Вечерта концерт ќе одржи Јоана Ристеска. В недела ќе се одржи „Сказнувалка читанка: Медените торти на Тон Телехен“, промоција на стихозбирката (и флип-книга) за мали и големи „Пу за Мите, пу за сите!“ од Владимир Лукаш, чиј промотор ќе биде Александар Прокопиев. В понеделник ќе се одржи дискусија за проектот на „Сказнувалка“ на темата „За оние по нас. План за поттикнување читачки навики кај младите“. Последниот ден ќе се додели наградата „Новите!“ за 2022 година.