Во пресрет на Денот на лицата со попреченост, Заводот и музеј – Битола ја промовира мултисензорната изложба со наслов „Музеј за сите – сликите можат да се допрат, сликите зборуваат“, составена од 16 тактилни панели. Оваа изложба е продолжување на проектот „Музеј за сите“, во кој преку примена на современи решенија се подобрува пристапноста до музејските содржини.
– Досега се опфатени повеќе од 100 предмети од музејската поставка, кои со соодветен опис и квалитетни фотографии се поставени на веб-страницата на музејот. На овој начин, овие предмети се прават достапни 24/7 за сите „онлајн“ посетители низ светот, а во исто време преку употреба на кју-ар кодови во музејската поставка се збогатува приказната за секој музејски предмет. Дополнително, за секој предмет се изработени и видеа на знаковен јазик наменети за лицата со оштетен слух и тактилни паноа за лицата со оштетен вид – велат од музејот.
Тактилното пано е составено од тактилна слика за музејски експонат од НУ Завод и музеј – Битола, проследена со опис на Брајово писмо. Описот е клучен елемент за разбирање на тактилната слика од страна на слепите лица и голем проблем претставува непознавањето на Брајово писмо.
Нов момент во изложбата, која моментално е изложена во малата сала на Заводот и музеј – Битола, е употребата на НФЦ-тагови, кои во комбинација со паметен телефон им овозможуваат и на лицата што не знаат да читаат Брајово писмо да можат самостојно да ја посетат изложбата.
Проектот е поддржан од Министерство за култура. Ирена Ружин е раководителка на проектот, Јове Парговски беше задолжен за изработка на тактилните слики и наедно е автор на концептот на изложбата.