Со прикажување неколку документарци од програмата денеска завршува Интернационалниот етнолошки филмски фестивал во Битола. Прв на репертоарот е „Гурбетчари, неемигранти“, документарен филм на Линда Паганели од Германија/Македонија, кој дава увид во хаотичниот пејзаж и културен трансфер на Кичево, за време на летниот одмор, следејќи го патувањето на една Албанка среде свечености и семејни обврски, прикажувајќи ги културната разновидност и хибридизација на регионот.
Ќе биде прикажан и арт-филмот „Огледало“, документарен филм на Силвестер Проле од Македонија. Филмот е во продукција на домот на културата „Македонија“, по сценарио и режија на етнокореологот Силвестер Проле, и претставува синкретизам од технологијата, техничките можности на визуелната антропологија, преку кои е прикажан секојдневниот живот на луѓето во почетокот на 20 век. Филмот прикажува секојдневни дејства од животот на луѓето во периодот помеѓу двете светски војни, нивната жртва за опстанок, посветеноста околу домаќинството и семејството, отежнатиот образовен процес и сето тоа синкретички претставено преку денешните благодати, кои ги уживаме благодарение на таа нивна жртва. Огледалото е предметот што е сведок и метафорично ги претставува сите тие дејства и акти. Во филмот ќе забележите дел од процесот жнеење, перење на река, пасење овци, косење сено.
На програмата денеска е и „Бајт ал хеџба“, документарен филм на Џамила Анаб од Мароко.Овој филм ја раскажува приказната за односот на Гнауви Мастер Ессадиксо и неговиот инструмент, „Сентир“, и за тоа како се развил тој близок однос.