Фото: Ка.М
„Ловецот во ‘ржта“, според Селинџер, во режија на Мартин Кочовски е новата премиера на театарот „Војдан Чернодрински“ при НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, што ќе биде изведена утревечер (четврток) од 20.00 ч. на големата сцена од Центарот.

По тој повод денеска се одржа прес-конференција на која беше претставена екипата од претставата.

Фото: Плакат театар

Директорката на Центарот Марија Попова Јованоска посочи дека претставата е поддржана од Министерството за култура и туризам и дека е трета премиера годинава.

– Го потврдуваме нашиот континуитет за создавање на квалитетни продукции. Создаваме квалитетен театар за нашата публика и нудиме репертоар кој инспирира, поттикнува размислување и отвора важни општествени прашања – рече Јованоска.

Претставувајќи ја екипата во претставата, Михајло Миленкоски, раководител на театарот, истакна дека Мартин Кочовски е еден од режисерите со кој театарот ги жнееше најдобрите успеси.

Режисерот Мартин Кочовски рече дека има чест да работи со најдобрата и уникатна екипа во Македонија, која може да реализира ваков проект.

– Проектот е грандиозен, а основната тема е за конфликтот на индивидуата во општеството – рече Кочовски.

Според драматургот Лидија Митоска Ѓорѓиевска, претставата говори за побуната против средината.

Младата актерка Теона Крстеска, студент на ФДУ, истакна дека ѝ било предизвик да биде дел од претставата и да игра со оваа екипа, а за актерот Димитар Ѓорѓиевски секоја улога е предизвик, а за него е големо задоволство да се работи со режисерот Мартин Кочовски, кој експериментира во театарот.

Сценографијата е на Филип Јовановски, костимографијата и светлото се на Јулијана Војкова, автор на музиката е Пеце Брада Трајковски (кахон), Давид Скерлевски (пијано, микрокорг), Ана Митоска (вокал, сантур), Илија Волчески (саксофон, тромбон), Димитар Ѓорѓиевски (гитара).

Во претставата играат: Наташа Ачански, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Теона Крстеска, Михајло Миленкоски, Ана Митоска, Јасмина Мицовска Станкоска, Марија Спирксока Илијеска, Здравко Стојмиров, Александар Тодески и Игор Трпчески.  Ка.М