Фото: Архива

Утре треба да се одржи седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС). На дневен ред не се мерките за амортизирање на состојбата со цените на храната и горивата, сепак, како што рече денеска заменик-министерот за економија Марјан Ристески, не е исклучено за тоа да се разговара.

– За утре е предвиден Економско-социјален совет на кој ќе бидат разгледувани неколку точки. Една од точките е донесување годишна програма за работа на ЕСС, а од страна на Министерството за образование ќе биде презентиран новиот закон за високо образование. Ќе има уште неколку точки – истакна Ристески.

На новинарско прашање дали може да се очекуваат утре некакви мерки поврзани со цените на храната и горивата и дали ќе се разговара за тоа, Ристески одговори дека од она што го видел како дневен ред, нема таква точка.

-Од она што видов како дневен ред, нема таква точка, меѓутоа не е исклучено. Секогаш Економско-социјалниот совет е отворен. Ако некој предложи таква точка, тогаш се гласа, се прифаќа и се дискутира за точката. Транспарентноста на Владата е на највисоко ниво. На секој Економско-социјален совет учествуваат најмалку четири министри, заменици министри и секогаш е присутен премиерот, на сите економско-социјални совети, што не било случај претходно – потенцира заменик-министерот.

Тој информира и дека институциите се во постојана комуникација со маркетите, трговците, доставувачите, производителите и увозниците.

-Имаме редовни средби. Кога ќе биде наредната, кога ќе имаме анализа од комплетните податоци – истакна Ристески кој денеска учествуваше на работен состанок во Стопанската комора за мерката „Поддршка за креирање нови работни места“ – подмерка „Вработување и раст на правни субјекти“, пренесува МИА.