Во Културниот центар на меѓународната колонија „Де Ниро“ Цапари, како и на различни локации низ Битола годинава, по 18-ти пат ќе се одржи меѓународната ликовна
колонија „Де Ниро“ на која оваа година ќе учествуваат ликовни уметници од Виетнам, Мексико, Естонија, Романија, Кина, Србија, Бугарија и од Македонија.
– За мене како организатор е голема чест тоа што во текот на овие 18 години на колонијата учествувале над 200 ликовни уметници од 30 држави од Европа и светот кои досега создале над 500 уметнички дела. Оваа година особено ме радува потпишувањето на меморандумот за соработка на меѓународната ликовна
колонија „Де Ниро“ со културно-информативен центар Битола, значаен чин за натамошна плодна соработка – изјави Драги Филевски, организатор на колонијата.
Во рамките на богатата и разновидна програма ќе бидат реализирани и следниве настани: „Ден на уметноста“ во чест на Благоја Стефановски- Баге, еден од бардовите на македонската култура што ќе се реализира на една посебно избрана локација – мало село Ротино; поетско-ликовен настан, промоција на книгата „Надвор од времето“ на Лили Бошевска, со песни инспирирани од делата на светски познатиот уметник Виктор Мануел Хернандез Кастиљо од Мексико, кој е гостин на промоцијата со своја изложба, во Палата на културата – Офицерски; Промоција на видеото на Кети Талевска за мозаикот на Мирослав Масин, музички перформанси и слично.
Овогодинешното издание на 18-та традиционалната меѓународна ликовна колонија „Де Ниро“ завршува на 27-ми јуни. М.М.