Вистинско уживање беше да се погледнат студентските филмови во амфитеатарот лоциран на брегот на Дојранско Езеро. Филмовите со својата оригиналност, луцидност, симпатичен дијалог и длабоки пораки ѝ понудија вистинско освежување на публиката

Кратките филмови „Полица“ од Матија Лукач, „Памти“ од Оља Покрајац, „Смак света“ или „Крајот на светот“ од Маја Јанковиќ и „Кажи ми дека сме за стварно“ на Максим Илковски од Македонија ја отворија втората вечер на фестивалот на медитеранскиот и балканскиот филм „Преку езерото“ во Дојран, како дел од студентската програма. Вистинско уживање беше да се погледнат филмовите во амфитеатарот лоциран на брегот на Дојранско Езеро. Филмовите со својата оригиналност, луцидност, симпатичен дијалог и длабоки пораки ѝ понудија вистинско освежување на публиката.
Матија Лукач ни сподели дека инспирацијата за филмот доаѓа токму од неговото детство. Филмот „Полица“ е фокусиран на еден татко и син, кои склопуваат полица додека во меѓувреме на површина испливуваат социјална драма и семејните односи. Филмот пресликува едно типично балканско семејство, со балкански татко, мајка, дедо и едно бистро дете.

– Се присетив на мојата детска доба, на проблемите и семејните односи во тоа време, и тоа ме натера да го направам овој филм – истакна Матија.
Во филмот „Памти“ се размотува драма за полнолетство, заснована на сценариото на Оља Покрајац и Лора Џолиќ. Милица го посетува Коста, нејзиниот најдобар пријател од детството, кој се сели во Америка. Милица планира да го поминат последниот ден на Коста во Србија заедно, додека цело време ги преиспитува своите чувства за Коста. Нивните комплексни односи се доловени низ прекрасни кадри, тинејџерска палавштина и одлична глума.
„Смак света“ е забавен и интелигентен детски филм за крајот на светот на Маја Јанковиќ. Група деца веруваат во веста дека на светот му се ближи крајот и избираат да го зграпчат денот на свој начин. Филмот дава сосема различен приказ на детската перцепција за светот, го отсликува секојдневието на деца што живеат во светот на возрасните.

Студентската програма ја затвори „Кажи ми дека сме за стварно“ на Максим Илковски, кој вели дека филмот преку лага ја говори вистината.
– „Кажи ми дека сме за стварно“ ни покажува многу суштински работи можеби нема да се случат за 15 минути, но се случуваат во едно опширно време. Го снимив во 2020-та, кога бев четврта година на моите студии. Тој побудува многу прашања, како на пример зошто младите подоцна стапуваат во брак, зошто некои бракови се среќни, а некои не – посочи Максим, кој филмот го работел под менторство на Јани Бојаџи.
Студентската програма на одбрани филмови од националните академии за филм и телевизија од Балканот и Медитеранот е бранот на кој утре ќе пливаат филмаџиите и нивните филмови, затоа е и важен дел од „Преку езерото“.
– Ова година решивме да ја претставиме српската филмска академија ФДУ со најдоброто од нивното надалеку славно училиште за филмски илузии. Но тука се и најдобрите од „Преку езерото“ и преку Средоземно Море. Проекциите се на плажа, каде што младите филмаџии и младите вљубеници во филмот, сосема адекватно за нив, ги споделија своите знаења, вештини, експресии, импресии и зрнца љубовен песок – посочија организаторите на фестивалот.

Дел од филмскиот фестивал е и мастерклас со српскиот режисер Дарко Бајиќ, посветен на филозофијата на изборот на тема од страна на режисерот, наспроти тенденциите на наметнати теми и правила. На мастеркласот присуствуваа студенти по филм и телевизија од Македонија и студенти на ФДУ од Белград.
Филмот „Најубавиот син Дунав“ на Дарко Бајиќ ја затвори втората фестивалска вечер. Филмот се одвива на луксузен брод, за време на дводневно патување од Виена до Белград, каде што исцрпени и фрустрирани луѓе од Западна Европа доаѓаат да се релаксираат и да склучат договори (со помош на алкохол, забава и секс) со млада екипа од Источна Европа, која се обидува да заработи доволно пари за да избега од својот мал безначаен живот. Вчеравечер почна официјалната програма на „Преку езерото“, со иранскиот филм „Трета светска војна“.