Издавачката куќа „Арс ламина – публикации“ ги поканува илустраторите и дизајнерите на возраст до 35 години да достават предлог-дизајни на корици за шест романи од едицијата „Порта Европа“. Целта на проектот е да се создаде книжевна едиција заснована на еколошка заднина што подразбира превод, објавување, дистрибуција и промоција на шест извонредни европски книжевни дела. Исто така, објавувањето на оваа едиција е во насока на ублажување на економските ефекти од рестрикциите предизвикани од пандемијата на ковид-19 врз издавачкиот сектор, преку соработка со чинители од синџирот на книгоиздателството на домашниот пазар. Во насока на остварување на поставените цели, предвидени се повеќе активности, меѓу кои и ангажман на локални визуелни уметници во подем и печатење на книгите на хартија со ФСЦ-сертификат за рационално користење на шумите.
Како дел од мисијата на овој проект, „Арс ламина – публикации“ ги поканува младите илустратори и дизајнери да се вклучат во изработка на креативни визуелни решенија во областа на издаваштвото.