Во Националната опера и балет се одржа пијано-концерт во организација на Амбасадата на Република Чешка, по повод Националниот ден на оваа пријателска земја. На концертот беше промовиран клавир од прочуената чешка компанија „Петроф“, како донација, со што се потврдува традиционалната соработка во културата меѓу двете земји. Во присуство на Зузана Петрофова, актуелна сопственичка на „Петроф“, голем број гости од дипломатскиот кор и од културниот и бизнис-секторот во земјава, овој чин на зацврстување на односите во културата беше поздравен од заменик-министерот за култура Даим Лучи.
Тој истакна дека со амбасадорот на Чешката Република, Јарослав Лудва, се согласни дека соработката што ја негуваме во културата е вистинско богатство, но и дека сме свесни дека има уште многу можности што не се искористени.
– Новото концертно пијано ќе го збогати звукот и ќе го подобри квалитетот на изведбите во оваа музичко-сценска установа. Верувам дека тоа ќе ги мотивира и уметниците за поголема креативност на сцената и страст во музицирањето што на крајот ќе биде врвно уживање за публиката. Уверен сум дека вечерва ќе имаме одличен музички настан со двете реномирани чешки пијанистки, со надеж дека што поскоро на сцената на Националната опера и балет ќе ги видиме заедно и македонските и чешките уметници – истакна Лучи.
Заменик-министерот за култура потенцираше дека вечерашниот настан, поддржан од Министерството за култура и од Националната опера и балет со директорот Васо Ристов, е уште една потврда дека уметноста и културата секогаш се вистинскиот чекор кон просперитетна иднина.
Пијаното е донација иницирана од Чешка, во која свој удел имаат и компании од Македонија. Овој модел на соработка отвора нови можности за подигнување на квалитетот во изведбите и на новите копродукциски соработки. Присутните го проследија настапот на чешките пијанисти Ема Једличка Гогова и Ина Асламас-Дуо Асламас-Гогова.