Fot/Tadeusz Koniarz/REPORTER

Таа им припаѓа на групата уметници што творат во Вроцлав, сместен на периферијата на комунистичката земја, на место каде што се допираат разни култури и се случуваат миграции. Вроцлавските уметници, во духот на слободата и независноста, тука создаваат свој оригинален микрокосмос

Пионерка на феминистичката уметност

Наталија Л.Л. е современа полска уметница, чие дело го карактеризира остра феминистичка критика, која остана запаметена по нејзиното најиконично дело „Консјумер арт“ (1974), во кое ги спојува консумацијата на храна и еротските мотиви. Станува збор за познатото 16-минутно видео и сетот од дванаесет фотографии на портрети на млади женски модели како сугестивно јадат банана. Во 1974 година, кога е направено делото, бананите ретко можеле да се најдат на полиците на супермаркетите во комунистичка Полска, а проектот стана симбол на критиката на патријархалните конзервативни вредности на режимот, како и на сомнежот во западниот консумеризам. Делумно станува збор и за критика на статусот на жените во порнографијата.
Таа им припаѓа на групата уметници што творат во Вроцлав, сместен на периферијата на комунистичката земја, на место каде што се допираат разни култури и се случуваат миграции. Вроцлавските уметници, во духот на слободата и независноста, тука создаваат свој оригинален микрокосмос. Тие бескомпромисно експериментирале и соработувале со уметниците од двете страни на железната завеса. Вроцлав до крајот на 1970-тите бил престолнина на полската неоавангарда, за во наредното десетлетие да стане жариште на контракултурата и уметноста што му се спротивставувала на системот. Тука настануваат полскиот концептуализам и конкретистичка поезија, тоа е градот во кој дејствувале важни уметници, меѓу кои истакнато место има Наталија Л.Л.
Наталија Лах-Лачович (родена во 1937 година) студирала на Академијата на ликовни уметности во Вроцлав од 1957 до 1963 година и една година подоцна ја добила дипломата на Здружението на полски уметници фотографи. Во 1970 година станува соосновачка на уметничката група и галеријата „Пермафо“ во Вроцлав, заедно со Збигњев Длубак и Анджеј Лачович, кој подоцна станува нејзин сопруг. Во мај 2007 година била наградена со сребрен медал за заслуги за полската култура „Глорија Артис“, а во јануари 2013 година ја добила наградата „Катарзина Кобро“. Во 2018 година ја добила и наградата за уметност „Роза Шапир“. Од 1975 година била вклучена во Меѓународното движење на феминистичката уметност. Таа е една од пионерките на феминистичката уметност во Полска. Нејзината уметност е изразито ангажирана во општествените и политичките проблеми. Создава дела во различни медиуми: фотографии, перформанс, експериментални филмови, видеа, инсталации, боди арт, концептуална уметност, скулптури.
Откако страдала од тешка болест во доцните 1970-ти, Наталија Л.Л. почнала да навлегува во трансцендентален и митолошки теми, често фотографирајќи ги своите перформанси. До својата смрт живеела и работела во Вроцлав, Полска.
Почнала како сликарка, а потоа брзо се свртела кон експерименталното кино и фотографија. Нејзиниот опус се фокусира на естетиката на еротиката и еволуира во повеќе концептуални поими. Делата на Наталија Л.Л. биле изложени на неколку големи групни уметнички изложби во Полска и надвор од земјата, меѓу кои се и Париското биенале во 1975 г. и Биеналето во Сао Паоло во 1979 година, како и изложбата „Еротика во уметноста“ во Кунствереин во Минхен во 1982 година, изложбата „Полска фотографија“ во Париз во 1982 г., „Европа-Европа“ во Бон во 1994 г., во Варшава во 1998 година… В.Д.