фото: Зоран Антоски

Изложбата насловена „Камен“ на Христина Крстеска, уметница со кичевски корени, беше отворена вечерва во уметничкиот салон од Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево. За отворена изложбата ја прогласи портпаролката на Центарот за култура во Кичево, Маја Николоска-Сиљаноска.

– Христина Крстеска е родена пред 29 години во Кичево. Таа е воедно визуелен уметник и истражувач. Има завршено дипломски и магистерски студии на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во групата сликарство, но нејзината уметност се базира на мултимедијални практики. Таа во уметноста работи со интердисциплинарен пристап учејќи ја геологијата со фокус на истражување на карпести пејсажи, кои на било каков начин биле под влијание на човечки активности и разгледувајќи ги морфолошките промени кои се случуваат поради антропогени процеси – истакна Николоска-Сиљаноска.

– Уметницата истакна дека иако карпите ги класифицираме во мртва природа, сепак тие не се целосно инертни, напротив, тие се во постојано движење, а нашите секојдневни процеси почнуваат да влијаат врз нивното седиментирање – додаде Николоска-Сиљаноска.

З.А.