Институтот „Гете“ ја носи во Скопје светската патувачка изложба за врвните истражувања во Германија, која носи наслов „Вселена. Човек. Интелигенција“. Тоа е интерактивна изложба за млади, која институтот „Гете“ во соработка со друштвото „Макс планк“ ја прикажува низ светот, а од 3 до 28 април ќе може да се погледне во изложбениот простор на Културно-информативниот центар во Скопје.
– Изложбата обработува пет големи тематски области: вселена, историја на човештвото, мозок, антропоцен и вештачка интелигенција. За секоја од наведените теми постои соодветна станица, на која посетителите на забавен начин и со интерактивни елементи може да дознаат повеќе за темите како што се на пр. компјутерско преобразување (морфинг) на лице, прикажувања растојанија во вселената со помош на атмосферска обвивка, инсталации, со кои може да се доживеат различни емоции преку влијанието на музиката или интеракцијата на роботите и сл. Целта на изложбата е на сите заинтересирани за Германија и германскиот јазик да им се покаже дека истражувањето во Германија ужива висок статус и е важен дел од германската култура – велат организаторите.
Изложбата поттикнува љубопитност за истражување на различни полиња и стимулира размислување за научни и општествени теми.
Институтот „Гете“ е културна институција на Сојузна Република Германија, која својата дејност ја извршува низ целиот свет, го афирмира учењето на германскиот јазик во странство и ја негува меѓународната културна соработка.