Фото: Стефанија Милевска

Таму каде што се сретнуваат белата ленена кошула од стиховите на песната „ Ленка“ на Кочо Рацин и црвениот и црн конец од „Везилка“ на Блаже Конески на прв поглед се чини произлезе концептот за уметничкиот проект на костимографот Сара Милевска и режисреката и поетеса Микица Илова насловен како „Поетри Арт“ кој синоќа се реализира во Музеј-галеријата во Кавадарци.

На изложбата беа претставени дизајнерски парчиња со рачно извезени стихови од познати безвремени и антологиски песни на најпознатите македонски поети: Ацо Шопов, Кочо Рацин, Блаже Коневски, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Славко Јаневски и Анте Поповски.

Изборот на овие автори, вели Микица Илова, произлегува од заедничката поврзаност- лириката,како еден од трите литературни рода во уметничката литература, која обработува дела исклучиво во стих во кои се изразуваат чувствата, мислите и расположението на поетот. Целта на изложбата е преку костимите сликовито и симболично на аудиториумот му се доловат емоциите и состојбите на самите поети за време на пишувањето на нивната поезија.

– „Поетри Арт“ е проект во кој решивме на еден интересен начин да споиме две гранки од уметноста и книжевноста, всушност костимографија и поезија. Некој ќе се запраша зошто баш овој спој. Како уметник и костимограф целта ми е да ја извадам костимографијата надвор од театарската и филмската сцена и да ја запознаам публиката со оваа гранка од уметноста која кај нас за жал сеуште не е доволно прикажана. Костимографијата е применета уметност која нуди многу за визуелно и креативно изразување за еден уметник, а во исто време може да остави визуелен и емотивен впечаток на гледачот. Идејата да се спојат костими со поезија призлезе од таму што сакавме да прикажеме како е да се биде дел од создавањето на една песна ,што се случува во главата на еден поет. Костимите кои се инспирирани од македонската поезија претставуваат силуети, всушност музите кои ги инспирирале поетите во моментот кога ја пишувале поезијата. Сите уметнички поставки кои беа изложени се делумно рачно везени и испишани. Тој момент го прикажува процесот на создавање на песната, па така поетот пишува и ги „вези“ своите мисли со пенкало на лист хартија, а јас со игла и конец на платно – вели костимографот Сара Милевска.

Изложбата беше пропратена со перформанс на кој се рецитираа главните песни кои беа инспирација за костимите од страна на Микица Илова придружена со звуците на гитарата на Пепи Ангелов. Основната цел на проектот велат авторките беше да ги натераме посетителите да ги спојат во исто време сетилата: слух, вид и вкус, Изложбата беше интерактивна со публиката бидејќи секој посетител можеше да запише свое мислење, стих песна, идеја и слично. Оваа несекојдневна изложба на уметност и поезија е подржана од страна на Министерството за култура на Република Македонија. Ми.М.