Во Котор, Црна Гора, се отвора самостојната изложба на македонскиот уметник Стефан Димовски. Изложбата е насловена „Ви ар свиминг тугедар“ или „Ние пливаме заедно“.
Стефан Димовски почнува да се занимава со акварел во 1995 година. Долгогодишниот престој во Франција му овозможува да воспостави контакти со познати акварелисти и да ја усоврши акварелната техника до перфекција. Досега има учествувано на повеќе групни изложби во Сан Рафаел, а исто така своите дела ги изложувал во повеќе галерии на југот на Франција. Во 2010-2011 година дел од неговите акварели се селектирани во 11-от Интернационален каталог за модерна уметност (Италија, Рим). Во 2011година добива награда за акварел во конкуренција на 60 сликари и акварелисти на 12-от саем за сликари и акварелисти во Сан Рафаел, Франција. Во 2011 година исто така добива втора награда за скулптура изработена од отпад за рециклирање. Во 2019 година учествува на изложбата 60 македонски автори во Вашингтон, САД, и во Отава, Канада. Дел од неговото портфолио се уште многу други изложби, самостојни и групни.
Негови дела се наоѓаат во повеќе институции и приватни колекции во земјава и во странство. Во неговите дела, покрај чистиот акварел, присутна е и комбинирана техника (акварел, колаж, акрилик, сепија, пастел).