Изложбата на Симона Манчева „Кривични дела против животот и телото“ и Зорица Зафировска „Невидливост на присуството“ која вечер во 18.30 часот ќе биде отворена во Музеј- галеријата во Кавадарци е резултат на истражувањето на на овие две уметници, кое е дел од програмата УПИТ на Локомотива, а е подржана од Министерството за култура на Македонија, општина Кавадарци и Музеј-галеријата.

Спојувањето на овие уметнички дела е тематско, но и во уметничките постапки кои се политичко-уметнички, односно двете уметнички истражуваат и рефлектираат во јавниот
простор, за и околу теми поврзани со пост-хуманото, односно дестабилирањето на
екосистемите, капиталосцената и нејзиното влијание на животната средина, екстрактивирачките процеси и нивното влијание на животот на луѓето. Двете истражуваат и ги архивираат одредените процеси каде се бават со овие теми и преку објекти, перформанс и инсталации ги изложуваат во јавен галериски простор. Имено Симона Манчева во Музеј-галеријата ќе ги изложи скулптурите кои вчера беа поставени во јавниот простор, реката во Кавадарци, а исто така ќе има и 20 минутен перформанс. Зорица Зафировска ќе го претстави новото дело, видеото „Невидливост на присуството“ како диптих-инсталација заедно со првиот запис „Порасни ме, навади ме, погали ме“.

Во првиот видео-документ „порасни ме, навади ме, погали ме“ Зорица Зафировска ја забележува брзата урбанизација на градот и зголемената потреба за враќање на грижата за јавните зелени површини, додека како контрапункт на тој процес се јавува новото истражување и запис „Невидливоста на присуството“ каде се забележува грижата и негрижата на пределите кои се далеку од урбанизацијата и каде се практикуваат методи и знаења со кои се реосознава средината во која живееме ние со другите собитија. За време на изложувањето тие ќе имаат дијалог кој симболички ќе го потенцира непостоењето на дијалог за и околу овие теми во јавноста а исто така и ќе го образложат процесот на истражување и творење.

„Кривични дела против животот и телото“ на Симона Манчева претставува надоврзување на досегашната истражувачка работа на Симона, а е поврзано со средината во која живее и негрижата за заедницата. Она што е важно за неа е како заедницата се грижи за овие состојби, и како реагира на состојбите кои ја нарушуваат општата состојба на заедницата и на поединецот во неа. Кој се грижи за колективното здравје, таа прашува и укажува дека грижата за здравјето е прашање на заедничко проактивно делување. Ми.М.