Во рамките на фестивалот „Скопско лето“ остануваат уште четири настани што граѓаните ќе можат да ги посетат, заклучно со 31 јули, кога концертен ансамбл од Словенија гостува со свој концерт пред платото на Музејот на македонската борба, со почеток од 20.30 часот.
Во галеријата „Остен“ е отворена изложба на карикатуристи од Израел насловена „2Kац“. Поводот за оваа изложба е 55 години јубилеј на светската галерија на карикатури „Остен“. Концептот на изложбата „2Kац“ е двогледност – две визии на иста тема, два израза на двајца уметници, еден постар и еден млад, татко и син. Нивните дела се претставени во тематски парови, давајќи секојпат драматичен конфликт на целината. Посетителите можат да се восхитуваат на делата преку „двогледни спектакли“. Таткото Григори Кац и синот Илја се родени во Киргистан, соодветно во 1948 и 1972 година. Двајцата уметници живеат во Израел од 1992 година.
В петок, во „Сули-ан“ ќе се одржи концерт на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“. Диригентската палка ќе биде на Иван Еминовиќ, а како солист ќе настапи Марија Ташевска – сопран. Овој концерт на МММ е во знак на одбележување на нивниот 60-годишен јубилеј, кој се поклопува со 60-годишнината од скопскиот земјотрес.
Последната изложба во рамките на фестивалот ќе се отвори в сабота, на 28 јули, во „Сули-ан“. Изложбата на слики е на Јулија Петровска и е насловена „Алиса во Апсурдистан“.