Фото: З.А.

Деновиве излезе од печат и второто литературно дело на плодниот автор Зоран Костески, со работен наслов „Сончева долина“, каде е искажана љубовта кон родниот крај, откако тој во 2019 година ја издаде својата прва збирка „Чудесна Белица“ со 43 астрофични песни. Рецензијата за оваа книга ја напиша познатата битолчанка, Гордана Такец.

– И второто мое литературно дело „Сончева долина“ посветено е на моето родно село Белица. Ова дело се состои од 14 прозни дела, кратки раскази и 21 песна – рече авторот.

Тој се наврати на времето кога започнала миграцијата село-град.

– После Втората светска војна село Белица доживеало невиден економски развој, а ништо не заостанувало ниту на културен план. Меѓутоа кога започнала миграцијата село-град кон крајот на шеесетите и почетокот на седумдесетите години, тој миграциски бран не го заобиколил ниту нашето село, што била причина селото во секој поглед постепено да згасне – рече за содржината на своето второ дело Костески.

Авторот нагласи дека во последните дваесетина години селото било облеано со сивило, целосно згаснати биле културните активности, а под забот на времето почнало да се распаѓа и основното училиште, долго време културен и образовен центар на Белица.

Костески го подвлече периодот од 2010 година до денес, кога селото почнало повторно да се препородува, а започнала и првата работна акција на повеќенаменскиот дом, на кој му ја посветил песната „Радосна возбуда“, што воедно бил и почеток на неговата литературна дејност посветена на неговото родно село. Негови дела досега се објавени во 15 книги од група автори. З.А.