Арии од италијанскиот оперски Шекспир, Џузепе Верди, одекнаа под сводовите на катедралната црква „Света Софија“, во изведба на италијанскиот тенор Федерико Сера, кој настапи во пијано-придружба на Антонио Кампоногара. Концертот го организираше националната установа „Охридско лето“ по повод 8 Март, Меѓународниот ден на жената, како дел од замислата на фестивалскиот менаџмент културата да се негува, не само во стандардниот фестивалски термин туку и во другиот дел од годината.
– Ја пренесовме енергијата како една тангента Охрид – Верона бидејќи уметниците ни дојдоа оттаму. Во безвременската катедрала, црквата „Света Софија“, владееја позитивна енергија и пријатна атмосфера. Осмомартовскиот концерт, кој е традиционален настан во организација на „Охридско лето“, беше вистинско уживање и празник за многубројната публика – изјави директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.
Како што додаде таа, Италијанците се познати во светот како најдобри оперски пејачи и фестивалот, кој ја негува класичната музика, има воспоставено одлична соработка со италијанските уметници.
– Италија е земја расадник за оперските пејачи, како што се незаборавниот и вонвременски Лучијано Павароти, Андреа Бочели и многу други. Таа има најдобра школа за оперско пеење. Италијанците ги носат пеењето и операта во душата, во крвта, во нивната ДНК како нација. Нам како фестивал ни е многу драго што имаме непрекината соработка токму со Италија, земја на културата, која, се надевам, ќе продолжи и натаму. Особено ми е драго што Италијанците го доживуваат Охрид како еден посебен бисер и Охридско Езеро го пресликуваат со езерото Комо – рече директорката Поповиќ.