Сите знаат сè во детали за неговиот цртеж, патувања и изложби, но не многу за неговиот приватен живот, особено за односот со жените. Се верува дека некои од неговите еротски цртежи ја прикажуваат неговата љубовница Софија Бут, која водела мотел на море во Маргејт и тајно живеела со Тарнер во Челзи
Славниот англиски сликар на романтизмот Џозеф Малорд Вилијам Тарнер ќе остане запаметен во историјата на уметноста како одличен сликар на пејзажи, но малкумина знаат за една друга негова помалку позната страна. Имено, првата асоцијација за делата на овој сликар од 19 век обично е сцена на немирно море и темно небо, но тој има цела серија актови, односно еротски цртежи.
– Мислам дека тој бил многу заинтересиран за секс, а зошто не би бил? Тој бил човек како и сите нас – вели Франи Мојл, кустос на делата на уметникот за кој се верува дека имал дури четириесет деца, сите вонбрачни.
Овие цртежи имаат многу интимна природа. Некои се направени за време на посетите на Тарнер во куќата „Петворт“ во Западен Сасекс, помеѓу 1820-тите и 1830-тите години. „Петворт“ бил дом на лордот Егремонт, ентузијастички колекционер на уметнички дела и покровител на Тарнер. „Петворт“ бил една слободна средина, таму ништо не ја нарушувало опуштената атмосфера. Тарнер, иако некои го сметаат за викторијански уметник, бидејќи работел во тој период, всушност е уметник што му припаѓа на претходниот грузиски период.
Сите знаат сè во детали за неговиот цртеж, патувања и изложби, но не многу за неговиот приватен живот, особено за односот со жените. Се верува дека некои од цртежите ја прикажуваат неговата љубовница Софија Бут, која водела мотел на море во Маргејт и тајно живеела со Тарнер во Челзи. Подоцнежните цртежи се поопуштени, поекспериментални, поексплицитни. Дали Тарнер овде истражувал уметнички форми за кои мислел дека не може да се изложат јавно, туку само меѓу пријателите? Дали е ова неговата приватна колекција, како нашите интимни фотографии или како своевиден дневник, прашуваат историчарите на уметност.
Од 30.000 цртежи и акварели што се наоѓаат во колекцијата на музејот „Тејт“, само стотина се интимни и еротски. Овие дела ќе им дадат на луѓето поинаков увид во опусот на Тарнер.
Џозеф Малорд Вилијам Тарнер (1775-1851), или познат само како Вилијам Тарнер, е еден од најпознатите и најомилени англиски и британски сликари, творец од ерата на романтизмот, познат по своите експресивни колоризации, имагинативни пејзажи и турбулентни, честопати експлозивни поморски слики.
Роден е во Лондон, каде што го поминал целиот свој живот, во скромно семејство, кое ѝ припаѓало на средната класа. Сметан за чудо од дете, на четиринаесет години се запишал на Кралската академија за уметности, ја имал својата прва изложба веќе следната година, отворил галерија во 1804 година, а три години подоцна станал професор на Академијата, каде што останал во следните две децении и покрај тоа што студентите го доживувале како неартикулиран.
Многу патувал и секогаш се враќал со тетратки полни со цртежи; бил ексцентричен и контроверзен, особено во приватниот живот. Никогаш не се оженил, но имал многу афери и вонбрачни деца. По смртта на татко му паднал во депресија, престанал да се грижи за својот изглед, живеел во нечистотија, умрел на 76-годишна возраст, бил погребан во катедралата „Свети Павле“ во Лондон. Зад себе оставил над 550 слики во масло, 2.000 акварели и 30.000 цртежи. Благодарение на водечкиот викторијански критичар Џон Раскин, Тарнер сега е заслужен за славата на пејзажното сликарство. В.Д.