Театарот за деца и младинци денес го прославува својот 32. роденден, а со тоа и го најавува првиот Интернационален театарски фестивал на детските театри „Игор Маџиров“.

– По 32 години успешна работа, со бројни меѓународни награди и признанија, со неколку рекордни изведби на претстави во нашиот театар, сакавме да ја продолжиме нашата успешна приказна, создавајќи го и овој фестивал, чија цел е промоција на детски претстави работени од наши колеги од светот – велат од Театарот за деца и младинци.

Интернационалниот театарски фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ ќе се одржи од 30 септември до 4 октомври 2022 година во Скопје. Фестивалот ќе биде со натпреварувачки карактер и ќе се доделуваат седум награди за кои ќе одлучува интернационална жири комисија составена од три члена. Наградите што ќе ги доделува фестивалот се: Гранд при награда за најдобра претстава во целина; Награда за најдобра режија; Награда за најдобра машка улога; Награда за најдобра женска улога; Награда за најдобра сценографија; Награда за најдобра костимографија; Специјална награда.

Покрај главната натпреварувачка програма, фестивалот ќе има и придружна програма во која ќе се одржат работилници, семинари, дебати посветени на куклениот, детскиот и младинскиот театар.

Во тек е отворен конкурс за доставување пријави за учество, на порталот www.puppet.com.mk. Право на учество имаат домашни и странски професионални ансамбли кои творат во областа на детскиот театар. Апликацијата и сите неопходни информации за првото фестивалско издание може да се најдат на македонски и англиски јазик. За главната натпреварувачка програма ќе одлучува Селекторот, во соработка со Уметничкиот совет на фестивалот.

Иницијативата за основање на овој фестивал е мотивирана од желбата на колективот на Театарот за деца и младинци, а истата е продолжение и на т.н. Балкански кулкен фестивал, што во раните 90-ти години беше организиран од театарот во соработка со сите други регионални театри.

– Среќни сме што сите овие аспекти беа препознаени и од Министерството за култура, кое оваа година го поддржа овој проект во програмата за проекти од Национален интерес во културата. Веруваме дека фестивалот „Игор Маџиров“, ќе ја збогати културната понуда во нашата земја и во иднина ќе биде престижен фестивал со традиција,, чија цел е промоција и афирмација на детската театарска продукција, како основен естетски и едукативен потенцијал за нашата детска публика – велат од Театарот за деца и младинци.