Прво Меѓународно графичко биенале на минијатури во Битола
Прво издание на Меѓународното графичко биенале на минијатурни графики и цртежи во Битола содржи над 700 дела работени во речиси сите графички техники, како и во речиси сите техники за изработка на цртежи: од јаглен до акварел, акрилик, комбинирани техники итн. Свое учество бележат околу 80 држави со над 400 автори. Биеналето е отворено во културниот и информативен центар „Офицерски дом“ во Битола.
За оваа голема ликовна светска манифестација и за нејзиното понатамошно презентирање веќе пројавија интерес неколку ликовни центри, сакајќи да ја претстават, популаризираат и афирмираат и во своите средини. Големиот одзив и бројот на присутните дела ја позиционираат оваа меѓународна ликовна манифестација во високорангиран контекст.
– За обележување се и специјалното присуство, односно одбраните колекции на 50 автори од Кина, кои настапуваат како специфичен и авторски кинески павилјон, колекцијата на шеесетина автори од Италија, во избор на истакнатата италијанска графичарка Валерија Бертесина, присуството на најистакнатите полски графичари, една од најзначајните графички средини во светот, како и големиот интерес на автори од речиси сите држави на Латинска Америка од Мексико, Бразил, Аргентина. Битола дефинитивно е светски ликовен центар, со што македонската култура воопшто е претставена со истакнато значење и придонес од интернационален карактер – велат организаторите.
За изложбата се подготвува обемен каталог, кој ќе биде доставен до сите учесници и институции, а наедно ќе биде позициониран на интернет-платформи на кои се позиционирани каталози и книги од овој вид, со што ќе биде достапен до сите заинтересиран низ целиот свет.
Авторот и организатор на проектот е Владо Ѓорески. Тој објаснува зошто е избрана минијатурната форма и зошто се опфатени двата медиума: графика и цртеж.
– Уште во првите ракописни записи, минијатурите се појавуваат како илуминации преку кои е толкуван светот, пред почетокот на секоја буква, светли и просветлени како крилата на ангелот. И низ оваа човечка „цивилизација“ тие секогаш постоеле и биле создавани надвор од претенциозниот историски нарцизам. Од „Јавачите на апокалипсата“, „Меланхолијата“ на Дирер, од „Мизеријата на војната“ на Кало, од „Капричосите“ и „Ужасите на војната“ на Гоја… тие постојат, осамено, речиси скришно и непознато, затоа што не се порачка за големите храмови, за царските палати, за дворците на аристократијата, за лавиринтите на политичките тврдини или банкарската парична логореа на „моќта“ – вели Ѓорески.
Според него, тие не се програмско преповторувано клише, без отстапки и излети надвор од устоличените измислени стилови.
– Тие мудро и незабележливо се провлекуваат низ неколкувековната хиерархиска цензура, всушност од почетокот на првите аномалии на престижното „јас“ и ништожното „ти“. Тие стигнаа и до денес, не како клепсидрична тавтологија на историјата, туку како вечна паралела и генеза на првичните илуминации, на светлечкото зрачење на спиритуалниот лет, доаѓајќи со очајната порака дека денес, во овој миг, над нас лебди ангелот со црвени крилја. Пред да дојде она потоа, кога по милениуми во некои пештери ќе бидат откриени малите цртежи на човечки фигури со црвени крилја. И така, повторно, ќе почнат безброј толкувања, суетни разјаснувања на праисторискиот прапочеток… Историјата се повторува не по ничеовското начело, туку по космичката гравитација претешка за човечката вирусоидна глупост наречена „цивилизација“. Се разбира, ако и овој пат ѝ биде дозволено на таа „епидемија“ повторно да го заврти својот хуманоиден круг врз оваа напатена планета. Доколку ова е последниот круг на историскиот рингишпил, ќе остане засекогаш – пустината: чиста, тивка, спокојна и треперливо мудра како огледало од кое најубаво се гледаат сите ѕвезди како малечки далечни минијатури – додава Ѓорески.
С.Ј.