Проекција на краткиот филм „За Ева“ во киното „Фросина“

Втората проекција на краткиот филм „За Ева“ е закажана во МКЦ, во киното „Фросина“, утревечер во 21 часот. Филмот е на Бојан Василев, кој се занимава со филмска уметност (како режисер, сценарист и продуцент). „За Ева“ е филм од жанрот тинејџерска драма. Синопсисот раскажува за Ева, седумнаесетгодишно девојче што се обидува да се справи со последиците од една непромислена одлука.
– Филмот е во моја режија, сценариото е мое и на Андреј Насков. Продуценти сме Андреј Насков и јас. Самата инспирација за филмот е од секојдневниот живот, но една конкретна вистинска приказна што ја слушнав одамна ми остави голем впечаток, па така, таа приказна се разви во овој краток филм. Иако филмот обработува конкретна проблематика, сепак јас го гледам како порака до сите оние на кои им е тешко и кои поминуваат низ тежок период од животот и немаат или не знаат како да разговараат со некого за да ја добијат потребната нега. Затоа овој филм е посветен за сите оние што ги боли, но конкретно во оваа приказна, филмот е посветен „на Ева“ – споделува Бојан.
Тој додава дека снимањето било мошне предизвикувачко и го снимиле филмот за само четири дена, на различни локации.
– Станот каде што се одвива приказната беше снимен на три различни локации и една сцена каде што Миа Жиро (која ја толкува главната улога) беше доволно храбра да ја сними на самиот сет, без никакви визуелни ефекти. Доста беше исцрпувачки за целата екипа, најмногу за мене, бидејќи имав чувство дека актерите не го „глумеа“ дејството, туку како вистински да се обидуваа да се справат со конфликтот. Начинот на кој го снимивме филмот беше документарски стил, без музика, сѐ со цел да се избегне „филмската манипулација“ кај публиката и да дојде во фокус конфликтот и самата приказна – изјавува Бојан.
Продуцент на филмот е Андреј Насков.
– Со Андреј се запознавме на многу необичен начин, меѓутоа набргу се погодивме со вкусовите какви видови филмови нѐ инспирираат, иако имаме сличности во вкусот за филм, ние покрај тоа сме доста различни. Постојано двајцата се преиспитувавме низ секој чекор низ процесот. Јас сметам дека доколку некој уметник е 100 отсто сигурен, треба да застане и да се запраша. Иако општо несигурноста се асоцира како нешто негативно, сепак сметам дека остава простор да ги видиме работите од друга перспектива, на некој начин несигурноста ги придвижува работите од корен и ги тестира – посочува Бојан. Развојот на филмот е поддржан од „Еду катс“, работилница поддржана од Европската Унија и Британскиот совет.
Ова е прв официјален филм на Бојан Василев, кој претходно има работено на онлајн реклами. С.Ј.