фото: Илија Павлов

Годинешното 43-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 19 до 26 август во Битола. На фестивалот ќе бидат прикажани филмови од долгометражна, краткометражна, документарна и студентска програма.

За отворање на фестивалот е најавен филмот „Раката на Бога“ на Паоло Сорентино, а ќе се затвори со „Снежана на крајот умира“, по сценарио и режија на Кристијан Ристески.

Фестивалот ќе се одвива на три локации – во Домот на култура, киното „Манаки“ и Офицерскиот дом – летна тераса во Битола.

Директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамeвски на денешната прес-конференција напомена дека годинава се исполнети сите предуслови за добар фестивал.

– Имаме проширена програма која вклучува неверојатни филмски остварувања од најголемите светски фестивали. Имаме исклучително гости кои сами се јавуваа да присуствуваат на фестивалот. Имаме врвни ѕвезди како наши лауреати, имаме многу журки, забави и коктели. Годинава дел од фестивалот се производители на филмска опрема кои досега не биле присутни на фестивалот. Значи, ни се вртија „Ари“, „Лајка“ со своите објективи, Реде е заинтересиран, а ќе дојдат и од „Сума лајтс“ – рече Дамевски.

За првпат, како што посочи, со ребаланс на буџетот има обезбедено доволно финансиски средства за реализација на оваа фестивалска програма.

Селекторот на главната програма, Слаѓан Пенев информираше дека за оваа година има 14 филмови во главната програма, што е голема разлика во однос на претходната, кога имало десет филма.

Поточно, ќе биде прикажан филмот „Триаголник на тагата“, што ја доби „Златната палма“ на Канскиот фестивал оваа година, а е во шведско-француско-британско-германска копродукцција.

– Овој филм веќе беше во Торонто, Карлови вари, Сиднеј, Еусалим, Бродслав, а деновиве ќе биде прикажан и во Сараево, ќе го отвори Сараевскиот филмски фестивал – додаде Пенев на денешната прес-конференција.

Вториот филм е „Алкарас“, шпанско-италијански филм, премиерно прикажан на Берлинскиот фестивал оваа година, и добитник на главната награда „Златна мечка“. Беше прикажан и на филмски фестивали во Истанбул, Мелбурн, Сиднеј и Бродслав.

Третиот филм е „Вози ја мојата кола“ од 2021 година, јапонски филм. На Канскиот фестивал лани ја доби наградата за најдобро сценарио, а потоа доби и многу други награди, меѓу кои „БАФТА“ наградата за најдобар филм од неанглиско јазично подрачје, „Златен глобус“ и „оскар“ за најдобар интернационален игран филм.

Уште еден филм од овогодинешниот Кански фестивал е „ЕО“, полско-италијански филм, што ја доби наградата на жирото.

Следен филм е „Божјата рака“, италијанско-американски филм. Премиерно е прикажан во Венеција минатата година и доби „Сребрен лав“ од жирито.

Ќе биде прикажан и филмот „Мајка и син“, француски филм. Прикажан е во Кан. Следен филм ќе биде филмот „Римини“, германско-австриски филм, премиерно прикажан на Берлинскиот филмски фестивал, а во меѓувреме и на неколку други филмски фестивали во Истанбул, Сиднеј, Ерусалим и Палиќ.

Пенев напомена дека има и два македонски филма – „Снежана умира на крајот“, македонско-кипарски филм. Премиерно е прикажан на Сланденс во САД.  Исто така, ќе го има и „Мими“, македонско-хрватско-црногорска продукција.

– Ќе биде прикажан филмот „Од рајот“, српско-хрватско-црногорско-словенечко-македонски филм од 2021 година, премиерно прикажан на Интернационалниот филмски фестивал Локарно. Потоа, „Чичко“ хрватско-српски филм, премиерно прикажан во Кралови Вари. „Осум планини“ од 2022 година, белгиско-италијански филм, ја доби наградата на жирото – додаде Пенев.

Последниот филм што ќе биде претставен е „Блиску“, добитник на Гран при од жирото во Кан оваа година. Станува збор за белгиско-холандски филм.

Селекторот на кратката програма, Марија Апчевска на прес-конференцијата посочи дека оваа година и кратката програма ќе биде проширена. Претходно имало десет кратки филмови, оваа година ќе има 12.

– Како и досега, фокусот беше да се спојат на некој начин да се измешаат веќе докажани имиња и филмови кои веќе имале премиера на големи филмски фестивали, со филмови на помлади автори за кои допрва ќе слушаме и нивните филмови ќе ги гледаме – рече Апчевска.

Таа ги наброја филмовите „Денови без“, естонско-фински филм, потоа „Суштество“, „Варшава“ во француско-либанска копродукција, Последниот траект од островот „Грас“ во конхоншко-американска продукција, дипломски филм, „Цреши“, кански кандидат за европските филмски награди, грчки филм „Мемоарот на непредвидливата бура“, кинескиот „Ластиче за коса, јајце, домашна работа“, либанскиот „Труби во небото“, германски филм „И покрај се“ и повторно од овогодинешниот Кан „Ноќна светлина“ од Костарика.

– Како и досега секогаш сме внимавале во нашата програма да бидат застапени домашните автори. Оваа година од македонски филм ги имаме „Само Ѓаволот се плаши од вода“ и „Баскет“ – рече Апчевска.

Во однос на документарната програма, годинава има десет филмови.

Програмата ќе претстави десет филмски остварувања од кои три се во кратката форма, седум се долгометражни документарни филмови од Европа, Јужна Америка и од Блискиот Исток, како и од нашиот регион кои ги обединуваат актуелни социјални, еколошки, економски, политички и културни теми, а се поврзани преку специфичниот филмски израз.

Што се однесува до студентската програма, селекторот Ѓорги Пулевски рече дека оваа година ќе има еден македонски филм од Факултетот за драмски уметности во Скопје, потоа пет балкански филмови кои ни доаѓаат од Словенија, Грција, Косово и Хрватска, а другите филмови се од остатокот од Европа затоа што, како што рече, проширувањето на студентската программа од регионални во европски рамки е најголемата новина оваа година, покрај натпреварувачкиот карактер.

– Од регионот ќе гледаме филмови од Академијата од Прага, Чешка. Како гостин на студентската програма ќе ја издвојам и Филмската академија од Полска која дала дипломци кои вкупно имаат добиено десет „Златна палм“ на Кан, седум „Златна мечка“ , три „Оскар“ и безброј други награди. Имаме одлични филмови од академии од Шпанија, од Турција и од многу други земји – рече Пулевски на прес-конференцијата.

Гости во студентската програма доаѓаат од академијата Вуџ од Полска, но и од академии од Шпанија, Турција.