Ексклузивен двоен јубилеен концерт „Првите мои 20 во 30“

Ексклузивен двоен јубилеен концерт „Првите мои 20 во 30“ по повод 30 години уметничка и педагошка дејност на Ерхан Шукри и 20 години на гудачкиот камерен оркестар „Арко“ ќе се одржи на 2 октомври, во 20 часот, во Националната опера и балет. Концертот е со хуманитарен карактер за децата со дијабетес.
Програмата вклучува дела од класиката, оперски арии, балет, филмска музика, фламенго, рок, латино, преку ориентот до нашиот фолклор. Премиерно за првпат во Македонија ќе чуеме истанбулско класично кеменче со харизматичната Нагме Јаркин и панова фрула на атрактивниот Ајдн Јаваш од Турција, одличниот баритон Џемиљ Реџепи од Италија, сопранот Ивана Здравкова од Австрија, виолинистите Михајло и Момчило Куфојанкис. Ќе настапат и кралицата на харфата Мерсиха Шукри, виртуозот на мандолина Лазар Сандев, кадифениот вокал на Добрила Грашеска, нашиот маестрален актер Никола Ристановски, мандолинскиот оркестар „Скопје“, детскиот хор „Св. Кирил и Методиј“ од Велес. Специјален гостин на концертот е маестро Рамадан Шукри, диригент е Ерхан Шукри.
– На оваа вечер исполнета со многу музика, љубов и хуманост да им помогнеме на ранливата категорија семејства. Со вашите купени билети да обезбедиме ленти и глукомери за нашата иднина, најмилите – децата со дијабетес – велат организаторите.