НУ Центар за култура „Марко Цепенков“–Прилеп го доби проектот за изградба на новиот театар. Целата документација неодамна е завршена од проектантите, односно центарот сега располага со комплетна ревидирана проектна документација од проектот за реконструкција, со доградба и надградба на објектот наменет за НУ Центар за култура „Марко Цепенков“-Прилеп, за обезбедување простор за потребите на театарот. Всушност, станува збор за два одделни проекта, а тоа е по барање на надлежните од Министерството за транспорт и врски.
– Првиот е основен проект за реконструкција на постојниот објект на домот на културата, а вториот е основен проект за доградба и надградба на постојниот објект и изградба на театар. Реконструкцијата на објектот на НУ Центар за култура „Марко Цепенков“-Прилеп се однесува на содржинско збогатување и функционално редефинирање на просторот, како и подобрување на постојната физичка состојба на просторот и замена на дотраените материјали и техничка опрема, спроведување соодветна просторна дистрибуција на постојните и додадените функции и оформување простори во кои и публиката и вработените ќе се чувствуваат комфорно и безбедно. Доградбата и надградбата на објектот на НУ Центар за култура „Марко Цепенков“-Прилеп се однесува на обезбедување целосно нов простор за потребите на театарот во рамките на центарот за култура, со претходно отстранување дел од просторните целини од постојниот објект, при што основниот проект треба да се изработи врз основа на идејното решение што е составен дел на оваа проектна програма. Двата дела, предвидената реконструкција и доградбата со надградбата ќе дејствуваат како една содржинска целина, со можност за работа како самостојни целини во иднина. Моментално сме до фаза во која од Министерството за транспорт и врски чекаме да добиеме одобрение за градба, а следен чекор е да се обезбедат финансиски средства за реализација на проектите. За двата проекта се обративме до Министерството за култура и туризам и побаравме да обезбеди финансиски средства за нивна реализација и да ги одобри во Годишната програма за изградба на нови објекти и реконструкција, санација и адаптација на постојните објекти што ги користат националните установи од областа на културата за 2025 година – вели Марија Попова Јованоска, в.д. директорка на ЦК „Марко Цепенков“.

Средствата за изградба на театарот, но и за реконструкција на домот се поприлични и, според проектантите, за изградба на театарот ќе бидат потребни околу 18 милиони евра, а за реконструкција на домот околу 9 милиони евра. Доколку се реализираат проектите, ќе се создаде нова слика на градот со новопроектиран објект што ќе го отслика сегашното време, а истовремено ќе му даде нова слика на домот на културата и ќе го дополни веќе постојниот комплекс.
– Се надеваме дека државата, но и сите други чинители, како општината и општествено одговорните компании, сите заедно ќе најдеме начини следните години да се реализираат проектите, во интерес на граѓаните и на културата и уметноста воопшто, бидејќи театарот работи во стар објект, а наредната година прославува 75 години од формирањето, а пак домот веќе 45 години е репрезент на културата и уметноста во градот – додава Јованоска. Ка.М.