Со поттик на струшкиот поет Разме Кумбароски

По повод одбележувањето 160 години од објавувањето на Зборникот на браќата Миладиновци, со поттик на неодамна починатиот македонски поет Разме Кумбароски (1944-2021) од Струга, во Ѓаково е објавена двојазичната (хрватско-англиска) стихозбирка од истакнатата современа македонска поетеса Бистра Кумбароска, инаку негова ќерка.
Книгата со наслов „Кревка, скршена и други начини да станеш целина (поетската книга на која си ѝ потребна)“ ја објави „Културен круг“ од Ѓаково, а преводот на хрватски го направи Жељка Босан, во соработка со авторката Бистра Кумбароска, поетеса, родена во 1984 година во Струга. Во 2011 година таа ја објави својата прва збирка „Ти не сакаш поезија“ и оттогаш учествувала на речиси сто и педесет меѓународни настани и фестивали. Моментално живее на релацијата Љубљана – Виена. Нејзината нова стихозбирка е создадена во претходните две и пол години.

Нејзиниот татко Разме Кумбароски беше современ македонски писател, поет, критичар, романсиер, есеист, преведувач, научен работник, музичар и езотерик. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Во 1980 година магистрирал на Факултетот за политички науки во Загреб. Заедно со Димитрие Дурацовски е основач на мултимедијалното списание за литература и уметност „Форма“. Работи како секретар на меѓународната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“. Член е на ДПМ од 1987 година. Автор е на поетските книги: „Зинда“, „Воден премин“, „Мусандра“, „Манастир“, „Троја“, на романот „Мириси кораби злато“ и многу есеистички книги. Зад себе има богат опус од околу 60 книги: романи, поезија, книги критики, есеи, огледи, антологиски избори, преводи. Застапен е во седум земји со свои избори. Тој беше еден од основачите на групата „Струшки бисери“, а работниот век го помина како секретар и директор на светски познатата манифестација „Струшки вечери на поезијата“. Основач беше и директор на медитеранската академија „Браќа Миладиновци“ Струга и на меѓународната литературна манифестација „Година на есејот“.