„Фрида.мк“ со продажба на уметност ќе им помага на социјално ранливите луѓе

Софија Семенпеева Трајановска, оснoвачка на центарот „Ефектива“

За да понуди квалитетна уметност онлајн, да ја поттикне стручната критика и да им ги претстави домашните автори на љубителите на уметноста, месецов почна е-галеријата „Фрида.мк“. Зад неа стои тимот на „Ефектива“, чија основачка и директорка е Софија Семенпеева Трајановска. Според неа, уметникот живее за уметноста, но мора да почне да живее и од уметноста за да се ослободи од егзистенцијалните пранги.

„Фрида.мк“ е прва е-уметничка галерија во Македонија, каде што може да се купи дело или дизајн од македонски автори и директно да им се помогне на ранливите категории граѓани во општеството. Кој стои зад оформувањето на таа идеја и зад нејзиното техничко решение?
– „Фрида.мк“ официјално почна со работа на почетокот на декември. Ќе информираме, ќе претставуваме млади автори, ќе изработуваме видеоприказни за академски автори, дизајнери и ликовни критичари. Ќе се обидеме да ѝ го вратиме приматот на ликовната критика. Еден од најважните сегменти е дека целиот концепт се темели на продажна е-галерија со голем социјален импакт. Зошто се одлучивме за ваков концепт? За патот на ликовните уметници и продажбата на делата сум зборувала и нема да се навраќам, но ќе кажам дека е многу тежок. Уметникот живее за уметноста, но мора да почне да живее и од уметноста за да се ослободи од егзистенцијалните пранги. На тој начин компромисите во уметноста нема да се чести и ќе уживаме во чистата уметничка форма. Водени од овој мотив, ќе им дадеме простор на авторите, со желба да им помогнеме нивниот фокус да биде насочен кон творештвото, што, според нас, би довело до голема општествена промена.

Какви содржини досега нуди оваа виртуелна галерија и кои се плановите за нејзиниот понатамошен развој?
– Галеријата засега е поделена на три сегменти: арт-галерија, дизајн и книги. Таа ќе нуди виртуелни изложби, продажба на дела, видеоинтервјуа, ликовна критика и претставување на млади автори. Имаме прецизни планови и визија за тоа во кој правец сакаме да ја развиваме, но ќе одиме чекор по чекор. На почетокот наша цел е да понудиме квалитетна уметност онлајн, да ја поттикнеме стручната критика и да им ги претставиме домашните автори на љубителите на уметноста. Во делот дизајн секои два месеца ќе имаме кампања за поддршка на наши дизајнери. Почнавме со кампањата „Купи еден – подари еден“, каде што на висококвалитетни блузони се аплицира оригинален принт изработен од академски уметници. Со тоа нудиме уникатни производи, но многу е важна и социјалната димензија, бидејќи секој што ќе купи блузон, ќе им донира уште еден блузон на социјално ранливите граѓани во нашето општество. Книгите се третиот сегмент. Ќе се продава стручна литература, монографии, биографии и книги за деца што се значајни за развојот на нивната креативност. Со секоја купена книга, уште една ќе биде донирана во училишна библиотека во руралните средини.

„Купувај уметност – подари хуманост!“ е вашето мото…
– Општествената одговорност е дел од темелните вредности на кои го изградивме целиот концепт на галеријата. Едноставно, сакаме да воведеме еден систем на донирање и поддршка на ранливите категории граѓани преку купување уметност. Имено, од секое продадено уметничко дело, 20 проценти од сумата ќе бидат наменети за донации.

Како досега реагираат уметниците на појавата на галеријата, а како заинтересираните купувачи?
– За почеток имаме многу позитивни реакции и критики, некои од нив се и од мои колеги, со кои заедно ги минавме академските денови. Точно ја знам нивната мака. Не постои автор што не сака да може да живее само од уметност, но во моментов ликовните уметници се на маргините. Вредно работат, но очигледно е дека мора да се променат одредени навики во општеството. Министерство за култура мора системски да го промени концептот за поддршка на проекти во ликовната уметност, да се постават транспарентни критериуми и прецизна стратегија. Искрено, галеријата во суштина произлезе од еден телефонски разговор со мој колега, кој за време на пандемијата ми се јави и ми рече: „Софија, во состојба сум да товарам и растоварам за да го издржам периодов“. Не знаев што да му одговорам. Академски граѓанин што ужива во процесот на создавање на едно дело, автор што животот ѝ го посветува на уметноста, тука нема простор за одговор. Уметниците заслужуваат достоен живот, тие се најголемиот сведок на времето и на општеството во кое живееме. Тие треба да се критичари, да инспирираат, да создаваат дела со кои народот ќе се идентификува. Култура без уметност не бидува. Ликовна критика речиси нема, сѐ поминува некако низ магла. Мора да се менуваме ако сакаме да остане нешто зад нас. Ние максимално ќе се трудиме да го развиваме концептот во планираниот правец и да не отстапуваме од критериумите за квалитет. Верувам дека тоа е единствениот начин да креираме една успешна приказна.