Во хотелот „Лимак“, во Скопје, почна да се снима „Кајмак“, седмиот филм на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски. Филмот ќе се снима пет недели на локации низ Скопје, во населбите Козле, Автокоманда, Центар, Лисиче… „Кајмак“ е црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот, безмилосна критика на лицемерството и малограѓанштината.
Тоа е европска копродукција во која поголем дел од финансиите доаѓаат од странство – 52 проценти од средствата доаѓаат од филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и на Бугарија, а 48 проценти од Македонија (од Агенцијата за филм). Македонската радио-телевизија е копродуцент. „Кајмак“ доби поддршка и од европскиот фонд „Еуримаж“, што е огромна потврда за вредноста на проектот. Во екипата се вклучени и филмски работници од Англија, Италија и од Србија.
Во филмот играат: Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Ана Стојановска, Симона Спировска, Петар Мирчевски, Филип Трајковиќ, Сашка Димитровска и др. Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, а директор на фотографијата Данецот Улрик Боел Бенцен.